Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за време на неговиот престој на воениот универзитет именуван по неговиот татко изјави дека поради нестабилната геополитичка ситуација околу земјата, време е таа да биде подготвена за војна повеќе од кога било досега, јави државната новинска агенција КЦНА.
Во последните неколку години, под Ким Џонг-ун, Северна Кореја го подигна нивото на вооруженост и воспостави блиски воени и политички врски со Русија. Наводно ѝ помага на најголемата земја во светот во војната против Украина, а за возврат добива помош од Русија во стратешки воени проекти.
– Ако непријателот одлучи да се вклучи во воен конфликт со Северна Кореја, таа нема да се двоуми да му зададе смртоносен удар со сите средства – ја цитираше КЦНА изјавата на Ким Џонг-ун во разговор со студенти и професори на воениот универзитет „Ким Џонг-ил“.
Тој неодамна го надгледуваше лансирањето на нова хиперсонична балистичка ракета со среден дострел
Нагласувајќи ја сложената меѓународна ситуација, односно неизвесната и нестабилна воена и политичка ситуација околу Северна Кореја, Ким Џонг-ун рече дека „сега е време земјата да биде целосно подготвена за војна, повеќе од кога било досега“, пренесува државната агенција.
Северна Кореја ја обвинува соседна Јужна Кореја, како и Соединетите Американски Држави, за провоцирање и кревање воени тензии, имајќи предвид дека двете земји во последните месеци спроведоа неколку заеднички воени вежби со висок интензитет.