Фото: ЕПА

За само неколку дена, руската армија во нападите на северот од областа Харков на крајниот североисток на Украина окупирала 165 квадратни километри простор и околу 15 населени места, но украинските медиуми зборуваат за 100 квадратни километри окупирани од руските сили и за пет изгубени населби

Украинско-руски воен судир: Вооружените сили на Русија отвориле нов фронт кај Харков и запоседнале голема територија

Реизборот на Владимир Путин за претседател на Руската Федерација се совпадсо остварувањето големо воено напредување на руската војска во рамките на специјалната операција во Украина. Но, сепак, претседателот на Русија се реши да направи смени во врвот на военото раководство. Па така, наместо министерот за одбрана Сергеј Шојгу, претседателот на Русија на негово место назначи цивил, нешто што за Русија не е својствено.
За воените успеси на руската војска потврдија и украински извори, кои велат дека несигурната позиција на бојното поле на Украина ќе се влоши во блиска иднина. Началникот на военото разузнавање на Киев, Кирил Буданов, во интервју за „Њујорк тајмс“, ја опиша ситуацијата како „на работ“ бидејќи Русија продолжува да остварува територијални придобивки.
Москва зазеде повеќе села во северниот дел на украинскиот регион Харков, откако започна офанзива минатиот петок. Оваа област беше користена од Киев со месеци за да изврши прекугранични напади во рускиот регион Белгород.
Буданов, шефот на украинската воена разузнавачка агенција (ГУР), изјави за „Њујорк тајмс“ дека очигледната намера на маневарот е да се намалат украинските резерви. Ова потенцијално може да отвори прозорец за Русија да го освои Часов Јар, стратегиски важен град во Донбас на околу 200 километри југоисточно од Харков.

УКРАИНА ПОВТОРНО ПРИЗНА ТАКТИЧКИ УСПЕСИ НА РУСИЈА

Буданов верува дека Киев ќе може да ја стабилизира ситуацијата, но дека следниот потег на Русија ќе биде сличен упад во регионот Суми, 150 километри северозападно од Харков. Тој очекува да се случи тоа во рок од неколку дена.
Украинското воено раководство ги призна „тактичките успеси“ на Русија во областа и објави дека распоредила резерви како одговор. Буданов додава дека Киев делумно ги нарушил плановите на Москва благодарение на ова, но таквиот маневар може да ја ослаби украинската одбрана на други места.
Руската операција одамна се очекуваше во Украина, но, според некои воени претставници, Киев не успеал да подготви одбрана на својата страна од границата, веројатно поради мито.
– Првата линија на утврдувања едноставно не постоеше – напиша Денис Јарославски, украински командант активен во областа. „Дојдовме до заклучок дека ова беше или намерна кражба или намерна саботажа“.
Во услови на неизвесност на бојното поле, американскиот државен секретар Антони Блинкен вчера беше во Киев со, како што го нарекоа американските официјални лица, „сигнал на уверување“. Наскоро се очекува Вашингтон да објави дополнителни испораки на оружје за Украина.
Откако минатиот петок руската армија изврши напад од своја територија на северот од областа Харков на крајниот североисток на Украина, за само неколку дена окупираше, според руски извори, 165 квадратни километри простор и околу 15 населени места. Украинските медиуми зборуваат за 100 квадратни километри окупирани од руските сили и за пет изгубени населби. Како и да е, тие се согласуваат во едно: руските сили напаѓаат во два главни правци – Липци и Вовчанск, лоцирани на околу дваесет и педесет километри североисточно од Харков.

ОФАНЗИВА ИЛИ ОТВОРЕН НОВ ФРОНТ?

Иако овој напад од украинска страна беше очекуван и Киев зборуваше за тоа во неколку наврати – дотолку повеќе што беше очигледно дека Русија формира нова армиска група Север и дека нејзиниот број се движи меѓу 30 и 50 илјади луѓе, тоа многу брзо стана очигледно, како тие се подготвуваат за зајакнување на одбраната, но не беа успешни без оглед на официјално кажаното за дури три воспоставени силни одбранбени линии кон Харков.
Украинската армија го потврди напредувањето на руските сили и го нарече нова руска офанзива.
Сепак, руските воени аналитичари тврдат дека е отворен нов фронт, но дека сѐ уште не се работи за главната офанзива, односно за избор на нејзиниот клучен правец, туку за воен притисок што има двојна цел: да ги потисне украинските сили подалеку од државната граница со цел да се запрат секојдневните напади врз блискиот руски град Белгород, и второ – така што, во отсуство на украински резервни сили и проблеми со мобилизацијата, нивните војници да бидат принудени да се префрлат како засилување од други делови на вкупниот фронт долг повеќе од 1.000 километри, ослабувајќи ги другите одбранбени позиции и со тоа олеснувајќи ги офанзивните дејства на руската армија, која има иницијатива речиси по целата линија на фронтот. Тие тврдат и дека украинската команда сега е целосно дезориентирана во одредувањето на правецот на започнување на главниот руски воен удар, кој, како што велат, може да се случи секаде: од Харков, преку Херсон и сè до Одеса.
За украинската армија, особено критична ситуација може да биде случајот со руското заземање на Вовчанск – педесетина километри североисточно од Харков, имајќи предвид дека Русите потоа ќе имаат широк простор за брзо напредување на југ кон Купјанск, кој веќе е под притисок на руските напади од североисток и од исток со месеци. Со евентуалното губење на Купјанск, што би било неизбежно во такви околности, самиот Харков би се нашол во многу непријатна стратегиска положба, односно да има слободен правец само кон запад. Х.И.


Важноста на фронтот Харков

Харков е вториот по големина град во Украина. Имаше предвоено население од 1,5 милион и останува важен центар. Градот е на помалку од 40 километри од границата со Русија. Од другата страна, приближно на исто растојание од границата се наоѓа Белгород, најблискиот голем руски град.
На почетокот на руската операција во 2022 година, Харков беше еден од првите градови во линијата на огнот. Во првите неколку дена руската војска се обиде да влезе во неа. Оваа офанзива првично беше слабо организирана, со недоволни сили – а самиот Харков не беше преземен, иако некои единици навлегоа длабоко во градот.
Сепак, иако регионалниот главен град не беше заземен, руските трупи зазедоа значителен дел од регионот на исток. Проблемот беше што линијата на фронтот беше држена од недоволно мали сили, а до септември 2022 година, украинската контраофанзива ги турна руските трупи на исток во регионот Луганск.


Путин во Кина, Блинкен во Киев

И додека за два дена рускиот претседател Владимир Путин патува во дводневна официјална посета на Кина, каде што, според денешното соопштение од Кремљ, се очекува да биде потпишана важна заедничка изјава, американскиот државен секретар Антони Блинкен вчера беше во Киев. Тој има намера да разговара со украинскиот државен врв за ситуацијата на фронтот и за обезбедувањето воена поддршка на Киев, соопшти Стејт департментот. Тие ќе разговараат за ситуацијата на бојното поле, влијанието на американската воена и економска поддршка, долгорочните обврски во безбедноста и другите области и тековната работа за забрзување на економското закрепнување на Украина.