Исмаил Ханије/Фото: Принтскрин - Јутуб

Премиерот на Катар, кој беше клучен во преговорите за прекин на огнот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, изјави денеска дека убиството на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије може да ги загрози напорите за постигнување примирје во Појасот Газа.

-Политичките убиства и континуираните напади врз цивилите во Газа додека траат преговорите нè прават да се запрашаме како посредувањето може да успее кога едната страна ќе го убие преговарачот на другата страна, напиша премиерот на Катар шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани на платформата „Х“.

Тој додаде дека на мирот му требаат сериозни партнери и глобален став против непочитувањето на човечкиот живот.

Претходно денеска, заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Михаил Богданов, го опиша она што се случи со шефот на Хамас како „апсолутно неприфатливо политичко убиство“.

– Ова е апсолутно неприфатливо политичко убиство и ќе доведе до натамошна ескалација на тензиите – рече заменик-министерот за надворешни работи.

Тој рече дека атентатот ќе има негативно влијание врз преговорите за прекин на огнот во Газа, пренесоа руските медиуми.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека израелскиот напад, кој доведе до смрт на Исмаил Ханија, е насочен против обидите за воспоставување мир во регионот и може да доведе до дестабилизација на ситуацијата.

Египетското Министерство за надворешни работи објави соопштение дека ескалацијата предизвикана од израелските сили покажува недостаток на политичка волја во Израел за постигнување примирје и прекин на огнот во Газа. Во текстот се наведува дека оваа ескалација, заедно со немањето напредок во разговорите за прекин на огнот, ја усложнува ситуацијата во регионот.

Лидерот на Хамас Исмаил Ханије, кој главно престојувал во Катар, е убиен денеска во раните утрински часови во Иран. Тоа ги зголеми стравувањата од поширока ескалација во регионот потресен од израелската војна во Газа и влошувањето на конфликтот меѓу израелските сили и Либан. Катар остро го осуди убиството во Техеран, велејќи дека тоа е опасна ескалација.