Фото: Маја Јаневска Илиева

Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денеска во Киев изјави дека Унијата започнала со финансирање на специјален трибунал за кривично гонење на рускиот претседател Владимир Путин и други високи руски функционери за кривично дело агресија против Украина, повикувајќи ги земјите-членки да го сторат истото.

– Го основавме овој специјален трибунал за кривично дело агресија, но сега обезбедуваме и финансирање за овој трибунал – рече Калас за време на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Калас изјави дека без одговорност нема праведен и траен мир.

На прашањето за американските ракети „Томахавк“ за кои американскиот претседател Доналд Трамп неодамна рече дека може да ги испрати во Украина ако војната не се реши, Калас рече дека од Киев зависи дали му се потребни за одбрана.

– Не е наше да кажеме, туку на Украина да каже што навистина ѝ е потребно – рече Калас.

Калас денеска отпатува во Киев за да разговара со украинските претставници за финансиската и воената помош, енергетската безбедност и одговорноста на Русија за воените злосторства.

На заедничката прес-конференција со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибих, Калас објави дека ЕУ веќе обезбедила 800 милиони евра за поддршка на Украина во текот на зимата, првенствено за купување генератори, додека дополнителни 100 милиони евра се планирани за опрема и засолништа при ниски температури.