За Украинците Харков е град познат по поезијата, уметноста, трговијата и научните откритија, но сега претставува клучна точка во оружениот конфликт во Украина, пренесува „Вашингтон пост“.
На околу 40 километри од Русија, вториот најголем украински град беше подложен на дел од најжестоките борби по почетокот на воените дејствија, со што во метежот на војната нема официјални податоци за досегашниот број на жртви.
Руските сили вчера накратко ја презедоа контролата над градот со 1,5 милиони жители, пред да бидат поттиснати од Украинците неколку часа подоцна, како што пренесуваат светските медиуми. Но, се смета дека Москва нема да се откаже од Харков, кој претставува доминантно руско говорно подрачје, од клучна важност за напредувањето на Русија, додека се водат борби и во Киев.
– Руската воена кампања е базирана на наративот според кој можат да се стекнат со брзи придобивки без да се соочат со силен отпор, Наместо тоа, источниот дел од Украина навистина се држи, во споредба со другите делови од државата – вели Мајкл Кофман, директор на руските студии во рамки на „Си-ен-еј“, непрофитна организација за истражување и анализа, кој го нарече Харков „сидро што го држи источниот фронт.
Кофман стравува дека во Харков може да дојде до понатамошна ескалација на борбите.
– Украинските сили пружија прилично силен отпор, но најлошото допрва доаѓа. Руските сили уште не се обидоа да го заземат Харков, барем не во посериозна мера – смета Кофман.
Харков кој е основан во 1654 година, беше главен град на Украина од 1920 до 1934 година. А во 20-те години на минатиот век претставуваше центар на украинската култура.