На Европа ѝ се потребни минерали како што е литиумот, неопходен за батерии за „Европа да ја напојува својата иднина со чиста енергија“. Но на кој начин да се направи тоа, кога, според западните енергетски експерти, во Европа го нема тој редок метал, а Кина е децении пред ЕУ во набавката и преработката. Ќе се повтори ли историјата за Европа во однос на снабдувањето со енергенти?
Европа досега зависна од нафта и природен гас, дали отсега ќе биде и од литиумот, есенцијален за посакуваната европска зелена иднина
Мекиот сребрен метал што е класифициран од ЕУ како „критична суровина“ е литиумот. Тоа е елемент што се смета како највитален за преминот од фосилни горива кон почиста енергија. Литиумот исто така се нарекува и бело злато бидејќи има толку голема глобална побарувачка, бидејќи е клучна компонента на батериите за полнење, потребни за електричните автомобили и капацитетите за складирање на електричните мрежи, кои ќе бидат од суштинско значење додека Европа се префрла на енергија од ветер и сончева енергија.
ЕУ цени дека нејзината побарувачка за литиум за 30 години ќе биде 57 пати поголема
До 2050 година, ЕУ проценува дека нејзината побарувачка за литиум ќе биде 57 пати поголема од она што е денес, а неговото снабдување ќе биде исто толку важни како сега со нафтата и гасот. Но Европа за тоа има проблем. Таа го нема литиумот во големи количества. Впрочем, познато е дека и недостигот од сигурна домашна набавка на фосилни горива во Европа ги направи државите на Стариот Континент исклучително ранливи во изминатата година, имено, со почетокот на руско-украинскиот воен судир. Истото тоа сега европските енергетски експерти го предвидуваат и со литиумот. Него го има во изобилство во Кина. Брисел сега стравува дека „Кина би можела да ја искористи својата доминантна улога во синџирите за снабдување со суровини за да изврши сличен притисок во иднина“.
– Мораме веднаш да почнеме да се движиме за да избегнеме замена на една зависност со друга. Имавме (геополитичка) зависност од фосилни горива и ако не дејствуваме сега, ќе имаме зависност и од критичните суровини – изјави еврокомесарот за индустрија Тиери Бретон.
Затоа, во јануари оваа година, германскиот канцелар Олаф Шолц во рамките на четиридневната турнеја во Јужна Америка престојуваше во Сантијаго де Чиле, каде што беше обновено и потпишано „германско-чилеанско партнерство за рударството, суровините и кружната економија“. Всушност, тим трговски преговарачи на ЕУ форматираа и нов договор со Чиле, за кој аналитичарите велат дека нуди најбогато снабдување со висококвалитетен литиум во светот.
До крајот на овој месец, Брисел треба да постави стратегија за обезбедување снабдување со литиум, со ретки елементи и други клучни минерали. Законот за критични суровини ќе вклучи план за зголемување на сопствениот капацитет за екстракција и рафинирање на ЕУ. Исто така, ќе има цел да им даде на земјите на ЕУ патоказ во оваа нова меѓународна „борба за превласт“ околу минералите, а во врска со енергијата.
Чиле и Австралија можат да бидат глави снабдувачи на Европа за литиум
Нова група земји имаат потенцијал да преземат огромна улога во ЕУ-политиките за чиста енергија. Имено, Чиле и Австралија се главни играчи за снабдување на Европа со литиумот, додека Демократска Република Конго (ДРК) произведува 70 отсто од светскиот кобалт. Но, рака на срце, кога станува збор за синџирите за снабдување со суровини, доминира Кина.
Кина е извозна дестинација на 85 отсто од австралискиот литиум. Таму суровината се рафинира во корисни компоненти. Исто така, кога се работи за Кина, кинеските компании од 2020 година поседуваат или финансираат 15 од 19-те рудници за кобалт во Демократска Република Конго (ДРК).
Дури и во Чиле, каде што во производството на литиум доминира американската рударска фирма „Албемарл“ и чилеанската фирма, Кина е присутна. Имено, кинеската рударска фирма „Тианши“ поседува повеќе од една петтина од акциите на „Ес-кју-ем“.
Кина одамна го лоцира стратегиското значење на некои ретки метали
Стратегиското значење на ретките метали – група елементи што се потребни за постојаните магнети во сè, од турбини на ветер до мотори на електрични автомобили – беше идентификувано од Пекинг уште во 1980-тите. Европа и САД сега се обидуваат да го стигнат тоа, но, според релевантните аналитичари, како што е поранешниот советник на американското одделение за енергетика, а сега виш соработник во Центарот за стратегиски и меѓународни студии Џејн Накано, и ЕУ и САД се зад Кина.
Пекинг контролира 60 отсто од светското производство на ретки минерали, но неговата силна позиција не е само „благослов на географијата“. Кина, исто така, доминира во однос на производството на батерии и соларни панели и е глобален лидер во рафинирањето на клучните суровини. Ова е индустриски процес со кој минералите се пречистуваат во употребливи компоненти за употреба не само во Кина туку и во извозните дестинации низ светот, вклучувајќи ја и Европа.
Според низа аналитичари од енергетиката, во моментов, Кина има околу 80-90 отсто светски удел во рафинирањето литиум. Истото важи и за ретките минерали. Всушност, со уделот од 60 проценти од глобалните резерви, Кина направи исчекор за уште поголем удел од 90 проценти од глобалниот капацитет за преработка на ретки минерали и ги произведува речиси сите – 98 проценти – од постојаните магнети на ЕУ.
Диверзификација на понудата
Според нацрт-верзијата на Законот за критичните метали, до кој дојде медиумот „Политико“, тој „е дизајниран да ѝ помогне на Европа да го надомести изгубеното тло“. „Политико“ анализира дека со Законот, „покрај мерките за зајакнување на домашното рударство, рафинирање и рециклирање на ЕУ, актот, исто така, има цел да ги подготви европските земји за нарушувања во снабдувањето со суровини. Тоа може да вклучи складирање резерви, на пример, што би ги ставило меѓународните сојузи во центарот на напорите за намалување на зависноста од Кина“.
Актот ќе даде формална поддршка на ЕУ за „стратегиски партнерства“ со трети земји богати со ресурси за да се „диверзифицира снабдувањето (на ЕУ) со стратегиски суровини“, се вели во нацрт-документот.
Клучно ќе биде и следењето на синџирите за снабдување со суровини за да се создаде систем за рано предупредување за можен недостиг, рече претставник на Комисијата запознаен со подготовките за неговото објавување.
ЕУ веќе преговара со Вашингтон за формирање „клуб“ за суровини, а споменатиот закон треба да ги зголеми напорите за обезбедување на безбедноста на Европа преку поширок меѓународен синџир на снабдување. Европската комисија (ЕК) редовно разговара со САД, Јапонија и со Канада за ова прашање.
Претседателот на САД, Џо Бајден, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, одржаа консултации пред објавувањето на Законот за договор за критичните минерали, што ќе им помогне на двете страни да изградат еластични синџири за снабдување за батерии на електрични возила.
– Се надеваме дека САД и Европа можат да играат многу поголема улога во тоа да бидат веродостојни алтернативи за инвестирање во рударски проекти за да не одат минералите во Кина – рече Џејкоб Гунтер од германскиот институт за кинески студии „Меркатор“. Затоа што во моментов, рече тој, Кина е „единствениот избор“.