Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави вечерва, на 32-от ден од војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас, дека израелските војници се наоѓаат во „срцето на градот Газа“.
-Ќе го уништиме Хамас. Нашите сили се подготвени на сите фронтови – рече Галант на прес-конференција во Тел Авив, оценувајќи дека „Газа е најголемата терористичка база некогаш изградена“ и дека „нема да има хуманитарен прекин на огнот без враќање на заложниците“.
Галант рече дека војниците ги напаѓаат упориштата во Газа „од сите правци, во одлична координација со поморските и воздушните сили“, затегнувајќи го обрачот околу главниот град.
-Ќе продолжиме до победа и додека заложниците не се вратат дома – рече израелскиот министер за одбрана.
За лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, тој рече дека „се крие во бункер и не е во контакт со своите соработници“, ветувајќи дека ќе го елиминираат.
-Денес видовме илјадници жители на Газа како одат на југ (во таканаречениот хуманитарен коридор) – рече израелскиот министер и повторно ги повика сите жители на градот Газа да се преселат во побезбедни области на југот.
-Ќе го уништиме Хамас, немаме интерес да им наштетиме на цивилите – додаде Галант.
Осврнувајќи се на зголемените меѓународни барања за хуманитарни паузи, тој рече дека тоа зависи од враќањето на заложниците кои, како што рече, „ги држат дивјаци“.