Во текот на ноќта израелските сили продолжија со нападите врз Џабалија во северниот дел на Појасот Газа и Кан Јунис на југот од областа, јавуваат палестинските медиуми.
Израелската армија претходно ги повика палестинските цивили да го напуштат поголемиот дел од областа околу градот Кан Јунис поради жестоките борби што се водат.
Министерството за здравство во Газа вчера објави дека 17.700 Палестинци се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври досега.
Според нивните изјави, околу 45 отсто од жртвите се деца, а неколку десетици илјади луѓе се повредени.
Француската морнарица собори два беспилотни летала над Црвеното Море во близина на брегот на Јемен, соопшти војската на земјата.
– Повеќенаменската фрегата на француската морнарица Лангедок собори два беспилотни летала кои полетаа директно кон неа од јеменскиот брег – се вели во соопштението.
Јеменските Хути во изминатите неколку дена отворија оган врз израелски, американски и британски бродови во Црвеното Море, а американската војска објави дека соборила неколку нивни проектили.
Воениот портпарол на јеменската бунтовничка група ги предупреди сите бродски компании да не соработуваат со Израел, за да не бидат цел на напади во Црвеното Море.
Заменик-директорот на Светската програма за храна на ОН, Карл Скау денеска предупреди дека половина од населението во Појасот Газа гладува поради вооружените борби меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.
Според него само дел од потребните залихи може да влезат во Појасот Газа. Скау вели дека „девет од 10 луѓе не можат да јадат секој ден“, пренесува „Би-би-си“.
– Условите во Појасот Газа ја направија испораката на помош речиси невозможна – посочи Скау, додавајќи дека е отворен само граничниот премин Рафа кон Египет, преку кој до палестинската енклава стигнуваат ограничени количини помош.
Скау рече дека за време на неговата посета на Газа оваа недела, тој и неговиот тим виделе „страв, хаос и очај“ и биле сведоци на „хаос во магацините и местата за дистрибуција, со илјадници очајно гладни луѓе“.
Скау посочи дека виделе „целосно празни продавници“ и „пренаселени засолништа“.