Израел ги негира информациите дека се согласилe да се запре огнот во јужниот дел на Газа за да се дозволи отворање на граничниот премин Рафах.
-Во моментов нема прекин на огнот за хуманитарна помош во Појасот Газа и за излез на странци – се вели во кусото соопштение од кабинетот на премиерот Бенџамин Нетанјаху.
Претходно, западни медиуми објавија дека Египет, Израел и СAД се договориле за прекин на огнот во јужниот дел на Газа со почеток во 8 часот по средноевропско време (9 часот по локално време), што треба да се совпадне со повторното отворање на граничниот премин Рафах меѓу Газа и Египет.
Извори за западни медиуми посочија дека прекинот на огнот ќе трае неколку часа, но не прецизираа колку долго.
Запрашани за потврда, израелската војска и американската амбасада во Израел немаа моментален коментар.
Официјални лица од Хамас што владее во Газа не го потврдиле тоа. Има конвој камиони со хуманитарна помош што чекаат да влезат во Газа.