Израел му понуди на Хамас седумдневна пауза во борбите во Појасот Газа во замена за ослободување на околу четириесет заложници кои ги држеше палестинската милитантна група, изјави Барак Равид, аналитичар за политички и надворешни работи на „Си-ен-ен“, цитирајќи два израелски извори.
Во израелскиот предлог, кој прв го објави порталот Аксиос, се наведува барањето за ослободување на заложниците, меѓу кои има жени, стари лица и лица на кои им е потребна итна медицинска помош. Предлогот му беше претставен на Хамас преку катарски посредници, додаде Равид.
Израелските власти велат дека има десетици такви палестински затвореници кои се стари или болни и би можеле да бидат ослободени како дел од хуманитарен договор.
Ова е првпат Израел да понуди прекин на борбите по пропаѓањето на договорот минатиот месец што доведе до седумдневен прекин на огнот и ослободување на повеќе од 100 заложници.
Лидерот на Хамас Исмаил Ханије денеска пристигна во Каиро на разговори за ситуацијата во Газа, објави палестинското исламистичко движење во момент кога од Хамас и Израел доаѓаат сигнали за поддршка на ново примирје во војната.
– Ханије пристигна во главниот град на Египет на разговори со египетските власти за развојот на ситуацијата поврзана со ционистичката агресија во Појасот Газа и за многу други прашања – се вели во соопштението на Хамас.
Извор од Хамас вчера изјави дека лидерот на движењето ќе отпатува во Египет за да разговара со шефот на разузнавањето на земјата, Абас Камел, за прекин на огнот во Појасот Газа и размена на затвореници со Израел.
Израелскиот претседател Исак Херцог вчера пред група амбасадори од 80 земји изјави дека Израел е подготвен за втора пауза во конфликтот со Хамас во замена за ослободување на уште заложници од Појасот Газа.
За време на еднонеделното примирје на крајот на ноември беа ослободени 105 заложници, во замена за ослободување на 240 палестинки и малолетници од израелските затвори, јавуваат израелските медиуми.
Пред да пристигне во Каиро, Ханије се состана со иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан во катарската престолнина Доха.