Припадниците на терористичката група Хамас имаат две опции во актуелната војна во Појасот Газа – или да се предадат или да загинат, соопшти денеска израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
– Нашите авиони ќе стигнат насекаде. Секој проектил е адресиран. Ќе дојдеме до секој член на Хамас – рече Галант во обраќањето до пилотите и техничарите на флотата од авиони Ф-35 на израелските воздухопловни сили, во базата Неватим, пишува „Тајмс оф Израел“.
„Членовите на Хамас имаат две опции – или да умрат на своите позиции или безусловно да се предадат. Трета опција нема. Ќе ја избришеме организацијата Хамас и ќе ги растуриме сите нејзини капацитети“, кажа Галант.
Израелскиот министер вчера се сретна со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој повтори дека САД го поддржуваат Израел и правото на оваа земја да се брани.
Галант истакна дека ова ќе биде долга војна и дека цената ќе биде висока.
– Но, ние ќе победиме за Израел и еврејскиот народ и за вредностите во кои веруваат двете земји – рече тој.
Палестинското исламистичко движење Хамас денеска соопшти дека еден од нивните воени команданти е убиен во израелски напад во центарот на Појасот Газа, на единаесеттиот ден од војната во која илјадници луѓе од двете страни ги загубија животите.
Ајман Нофал, командантот на бригадата Ал Касим, вооруженото крило на Хамас, е убиен во „варварски ционистички“ напад врз бегалскиот камп Буреиџ, се вели во кусото соопштение.
Израелската армија се уште не ги коментира овие наводи.
Во текот на ноќта израелската армија тврдеше дека е убиен припадникот на Хамас, Осама Мазини, што Хамас не го коментираше.
Новата војна започна на 7 октомври кога Хамас изврши невиден напад на израелска територија од Појасот Газа под нивна контрола. Оттогаш повеќе од 1.400 луѓе загинаа во Израел, главно цивили, а во израелските одмазднички напади загинаа најмалку 2.750 луѓе во Појасот Газа, главно палестински цивили, меѓу кои и стотици деца, според локалните власти.