Според наводите на американскиот портал „Аксиос“, Израел ги известил САД и поголем број европски земји дека планира воен удар врз Иран доколку Техеран продолжи со збогатување ураниум над нивото од 60 отсто. За потсетување е дека Израел подолго време изразува јавни стравувања дека „Техеран релативно брзо би можел да го збогати ураниумот до ниво од 90 отсто, што би му било доволно за производство на атомска бомба“. Меѓутоа, повеќе воени и политички познавачи на состојбите велат дека информациите за тоа до кое ниво Техеран го збогатил ураниумот се доста непотврдени. Засега, според нив, и покрај воената реторика од двете страни, сепак се претпочита дипломатско решение на проблемот, што е и логично, со оглед на потенцијалните крајно сериозни последици во случај на спротивно сценарио

НА БЛИСКИОТ ИСТОК РЕГИСТРИРАНИ ПОДГОТОВКИ ЗА ОТВОРАЊЕ НОВО ВОЕНО ЖАРИШТЕ, СО ГЛОБАЛЕН ПОТЕНЦИЈАЛ

Според Меѓународната агенција за нуклеарна енергија ИАЕА, во моментов Иран поседува 87,5 килограми 60-процентен збогатен ураниум. Но на 19 февруари беше објавено дека инспекторите на ИАЕА во Иран пронашле 84-процентен збогатен ураниум, што е само за 6 отсто помалку од процентот што е потребен за конструкција на нуклеарно оружје.

Нетанјаху се вратил на премиерската функција во Израел исклучиво за да го спречи Иран да произведе свое нуклеарно оружје?!

Бенјамин Нетанјаху како премиер на Израел не крие дека „се вратил на премиерската функција исклучиво за да го спречи Иран да произведе свое нуклеарно оружје и така да го спаси Израел од она што е директна закана за неговиот опстанок“! Нетанјаху често повторува дека тој никогаш нема да дозволи такво нешто и дека за да го спречи тоа, ќе ги користи сите расположливи средства.
Во овој контекст, интересно и важно е да се потсетиме дека американскиот министер за одбрана (шеф на Пентагон) Лојд Остин го посети Израел токму на денот кога во Пекинг се објави договорот за обнова на иранско-саудиските односи, кој доаѓа во крајно незгоден момент за Израел. Навидум ништо чудно, но коинциденции, т.е случајности во (гео)политиката едноставно – нема.
Интересно е што изјавата на Лојд Остин околу големата веројатност за израелска воена операција во Иран, дадена по состанокот со Нетанјаху, во јавноста помина сосема незабележано.
– Се сомневаме во реалноста на копнената фаза, но најверојатно ќе има ракетни и бомбашки напади врз цели во Иран – прецизира Остин.
За време на самиот состанок, пак, тој изјави дека „САД никогаш нема да му дозволат на Иран да стане сопственик на нуклеарно оружје“. Сигурно тоа не го рекол на своја рака, туку логично е да се претпостави дека тие информации ги добил лично од израелскиот премиер, а веројатно и ги усогласил со него.
Имено, и самиот Нетанјаху на 18 февруари изјави дека Израел е подготвен да употреби сила против Иран, доколку тоа е единствениот начин на кој може да ја запре неговата нуклеарна програма, насочена кон производство на нуклеарно оружје. Веќе на 28 февруари стана познато дека резервите на ураниум збогатен до 60 отсто во Иран се зголемиле за 40 отсто во однос на ноември 2022 година. Според достапните податоци, резервите на 60-процентен ураниум за три месеци пораснале од 62,3 на 87,5 килограми. Истовремено, резервите на ураниум збогатен до 20 отсто пораснале од 386 на 435 килограми. Иран се закани со уништување на израелските резерви на нуклеарно и биолошко оружје
Во секој случај, по сите воинствени изјави, „отрезнувањето“ за Израел дојде со една молскавична брзина. Уште истиот ден Ал џезира објави дека Техеран, најверојатно со посредство на швајцарската амбасада, му испратил на Израел порака со сателитски снимки од израелските складишта со нуклеарно, хемиско и биолошко оружје, со јасна назнака дека истите тие би биле уништени од ирански ракети во случај на израелски воздушен напад врз нуклеарните постројки на Иран.
По ова, зовриените страсти помеѓу двете држави доста стивнаа, иако во воздухот остана да виси веќе добропознатата блискоисточна атмосфера на страв и неизвесност – која воопшто не исчезна.

Нетанјаху итно ги бара авионите танкери, најверојатно за подготовка на воздушна кампања кон Иран

Најново е што премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, бара од САД забрзана испорака на претходно купените авиони танкери „боинг КЦ-46“. Ерусалим се надева да добие барем еден од нив до крајот на 2024 година. Меѓутоа, шефот на Пентагон, Лојд Остин, истакна дека забрзаните испораки ќе бидат тешко изводливи, најмногу поради воените потреби и на самите САД.
Воените танкери се неопходни за Израел, имајќи ја предвид големата далечина што мора да ја поминат неговите авиони на пат до иранската територија.
Иако во конкретниов случај поголем проблем би била реалната можност Израел да не добие согласност од Саудиска Арабија и другите земји од Заливот – пред сè од ОАЕ – за користење на нивниот воздушен простор за такви активности (по договорот меѓу Техеран и Ријад), додека, пак, преминот преку воздушните простори на Јордан и Ирак би бил екстремно ризичен за оваа држава.
Ова не е толку од политички аспект, односно поради фактот дека гореспоменатите држави во никој случај не би сакале да бидат инволвирани во какви и да било израелско-ирански воени пресметки, туку пред сè од причина што прелетувањата преку нивните воздушни простори би биле забележливи и Техеран за нив би дознал доволно брзо за да се подготви за реакција.

Се намигнува ли од „големите светски играчи“ за израелски напад над Иран?

Во своето интервју за иранскиот опозициски медиум „Иран интернешнал“ од 8 март, Нетанјаху истакна: „Европа и САД конечно сфатија каква опасност е Иран за целиот свет“. Ако е навистина така, тогаш тоа би требало да значи дека САД и ЕУ му даваат на Нетанјаху „зелено светло“ за воена акција против Иран. Во истото интервју тој понатаму кажа дека иранската нуклеарна програма е блиску до црвената линија, при што не се согласи со ставот на раководството на ИАЕА, според кое напад на кој било нуклеарен објект претставува прекршување на меѓународното право. Овде треба да се потсетиме дека САД и ЕУ веќе му се лути на Иран поради воената соработка со Русија и испораката на ирански дронови за Москва, кои таа ги користи за воени операции во Украина. Освен тоа, дополнителен мотив за Нетанјаху во однос на акцијата против Иран би можела да биде и своевидната блокада на Советот за безбедност на ОН, целосно фокусиран и меѓусебно раскаран токму поради војната што се води во Украина.

Тајни преговори помеѓу Иран и Западот

Според одредени ирански извори, во последниве неколку недели се воделе тајни преговори помеѓу иранските и западните претставници во врска со обновувањето на нуклеарната спогодба од 2015 година и ослободувањето американски затвореници. Овие преговори наводно биле со посредство на Швајцарија и Оман. Меѓутоа, Американците категорично го демантираат тоа, што и не мора да биде толку чудно. Имено, Техеран за САД е сепак „отпадник“, а службените преговори околу ова прашање и онака се водат во Виена (иако се фактички во прекин, по двегодишното неуспешно приближување на ставовите на двете страни). Наводно, во преговорите учествувале и претставници од ЕУ, или поконкретно Енрике Мора, заменикот на високиот претставник на Унијата за надворешна политика, додека иранската страна ја предводел Абас Арагчи, поранешен заменик-министер за надворешни работи во периодот на претседателствувањето на Хасан Рухани. Сепак, се чини дека и од таа тајна дипломатија не излезе ништо, односно дека работата пропадна.


„Фајненшл тајмс“: Иран ги стави односите со Русија и Кина
како стратегиски важни

Веројатно не е никаква случајност што во своето интервју за британскиот „Фајненшл тајмс“, иранскиот министер за економија и финансии Ехсан Кандузи изјави дека Техеран односите со Русија и Кина ги смета за стратегиски важни – особено во сферата на економијата – па, затоа има намера и понатаму да ги развива.
– Кина и Русија се двата наши главни економски партнери, а Иран има план да ги прошири односите со нив преку спроведувањето на стратегиските договори – рече иранскиот државен службеник.
Дополнително, тој истакна и дека во оваа финансиска година, Русија станала најголем инвеститор во Иран, најавувајќи притоа руски инвестиции во висина од 2,76 милијарди долари за тековната година, што претставува речиси две третини од севкупните странски инвестиции во Иран.
Очигледно е дека големите игри со Иран и околу него сè уште траат и ќе потраат уште долго. Тоа не е случајно: станува збор за централна земја на Блискиот Исток, преку која тековно се планираат големи сообраќајни коридори, кои би требало да ги користат Кина, Индија и Русија. Наедно, Иран ќе биде дел од севкупната евроазиска сообраќајна инфраструктурна мрежа, чија изградба се планира во блиска иднина, а која во себе ќе вклучува патна, железничка и водна (морска и езерска – Касписко Езеро) комуникација.
Останува да видиме дали Израел ќе се осмели позначајно да ги наруши плановите на азиските гиганти, дури и доколку тоа се случува под заштита на Американците. Сето ова е од причина што станува збор за огромен влог и за самиот Израел.


Што не оди во прилог на военото решение за Иран, за кое размислува Бенјамин Нетанјаху

Неодамнешното завршување на руско-кинескиот самит, кој не се одвиваше според желбите на Западот – пред сè на САД, бидејќи јавно го најави зајакнувањето на севкупните односи меѓу Москва и Пекинг и нивната намера заеднички да се спротивстават на американската политика за глобална доминација – секако не оди во прилог на воено решение за иранскиот нуклеарен проблем, за кое размислува Бенјамин Нетанјаху.
Имено, за Русија и Кина, Иран стана стожерна блискоисточна земја (без оглед на нивните зајакнати односи и со арапските монархии во Персискиот Залив, како и со Египет и други држави), со оглед на тоа што, во севкупниот спектар на релации, единствено Техеран е надвор од влијанието на Вашингтон. Покрај тоа, Техеран е веќе и де факто членка на Шангајската организација (се очекува само уште формалниот прием). Притоа, не е некоја голема тајна дека Израел се нема целосно откажано од соработката со Кина, иако формално го направи тоа – под силен американски притисок – уште во времето на администрацијата на Трамп. Освен тоа, рускиот фактор и неговото влијание на Блискиот Исток се извонредно важни за Израел – не само во однос на Сирија и Иран.
Од друга страна, масовните и речиси секојдневни протести низ Израел против владата на Нетанјаху креираат дополнителна нестабилност во земјата. Оттука, користејќи ја платформата на „вечниот“ израелски страв од иранскиот нуклеарен фактор, тој би можел да помисли дека нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил решение и за политичките проблеми во неговата држава. Со други зборови, Нетанјаху ќе мора да балансира меѓу новата глобална геополитичка реалност, домашните политички интереси, но и израелската национална безбедност, иако Москва и Пекинг во однос на последното би можеле да му помогнат на Израел со своето влијание врз Техеран – веројатно многу повеќе и од самата израелска воена операција против него. Затоа што никој не може со сигурност да предвиди каков ќе биде одговорот на Техеран. Но она што сигурно се знае е дека израелскиот напад би резултирал со комплетно безбедносно нарушување во целиот регион.

Подготвил: Mарјан Велевски