Осомничените и лишени од слобода што се инволвирани во криминалната мрежа на измами со коњско месо имале различни функции: од лица што ги колеле животните без потребните контроли до лица што се занимавале со транспортот, ветеринари што обезбедувале лажни документи и месарници што го продавале месото непогодно за консумирање. Според првичните процени на Европол, злоупотребата генерирала десетици милиони нелегални профити

Во европските метрополи скандал со продажба на големи количества несоодветна храна со фалсификувани документи

Европа ја тресе голем скандал за измама со храна. Имено, коњско месо несоодветно за консумирање било продавано во Италија, Германија и во Белгија и завршувало на софрите на европските жители. Во акцијата на Европол беше разбиена криминална мрежа што била поврзана со голем број кривични дела, вклучувајќи измама со храна, перење пари и измама со документи.

ШИРОКА КРИМИНАЛНА МРЕЖА

Бидејќи воопшто не било регистрирано на пазарот, коњското месо не било следено, па се продавало на пазарите на трите европски метрополи од Шпанија.
Истрагата на Европол откри голема криминална мрежа, која ја менувала следливоста на коњското месо со фалсификување документи за пренос и идентификација. За време на оперативните активности, националните власти уапсиле 35 лица, вклучувајќи и раководители на мрежата, а цел биле шест компании поврзани со криминалната организација. За време на рациите во Шпанија, властите заплениле големи количества коњско месо непогодно за консумирање.
Осомничените инволвирани во криминалната мрежа имале различни функции: од лица што ги колеле животните без потребните контроли до лица што се занимавале со транспортот, ветеринари што обезбедувале лажни документи и месарници што го продавале месото непогодно за консумирање. Според првичните процени на Европол, злоупотребата генерирала десетици милиони нелегални профити.

СИСТЕМОТ ФУНКЦИОНИРАЛ ОД 2019 ГОДИНА

Осомничените набавувале коњи од цела Шпанија бесплатно или со плаќање до сто евра по животно. Животните не биле наменети за пазарот, па поради тоа тие генерирале огромен профит кај криминалната организација.
Откако водачот на криминалната мрежа набавил доволно добиток за да ја активира нелегалната шема, тие во 2019 година основале комплетен објект за експлоатација на добиток и почнале да го извезуваат месото на други европски пазари. Шпанските офицери упаднале во тајните објекти и откриле 80 коњи што биле злоупотребувани и страдале од разни нелекувани болести поради недостиг од ветеринарна контрола.
– Овој недостиг од надзор претставуваше значителен ризик за развој на зоонозни болести преносливи на луѓето. Исто така, животните претрпеле лоши услови во сточарските објекти, недостиг од храна и вода и постојани стресни ситуации при транспортот – информираа од Европол.
Според информациите, само една нелегална пратка со коњско месо генерирала 35.000 евра за транспортерите, со проценет промет од 4,5 милиони евра, кои ѝ припаѓале на логистиката.
Криминалната организација успеала од болни коњи, кои не биле подобни за продажба, да оствари незаконски профит од повеќе од 1,5 милион евра.

СЛИЧЕН СКАНДАЛ ЈА ТРЕСЕШЕ ЕВРОПА ПРЕД ДЕСЕТИНА ГОДИНИ

Во 2013 година, Велика Британија ја тресеше скандал со коњско месо, кое вметнато во разни производи, како лазањи, бургери и други продукти, завршуваше на трпезите на консументите.
Тогаш полициските власти обелоденија дека зад овој бизнис стоеле организирани криминални банди што дејствувале меѓународно. Тогашниот случај беше окарактеризиран како меѓународна измама и не беше расветлено докрај до кои сѐ трпези достигнаа краците на криминалните октоподи.
– Полски и италијански мафијашки банди раководат со милионската измама, во која говедското месо е заменето со коњско во текот на производството на храната. Постојат наводи дека ветеринари и други претставници на кланиците и на производствените погони биле заплашувани за да потпишат дека се користи говедско месо, иако, наместо тоа, се користеле поевтините алтернативи, како свинско или коњско месо – информираа тогаш полициските власти.
Скандалот со коњското месо ја тресеше цела Европа, а не беше исклучок ни Балканот, кога тој пристигна и до соседна Бугарија. Тамошната агенција за безбедност на храната тогаш го потврди присуството на коњско месо во производи обележени како говедски што се продавале и во оваа држава.
– Резултатите од двете испитувања на производите што се повлечени од продажба биле позитивни на коњско месо, кое во едниот производ било присутно 80, а во другиот 50 отсто – соопшти агенцијата.
Тестовите, кои биле работени во германска лабораторија, откриле дека биле пронајдени дури 84 килограми коњско месо во наводни говедски лазањи. Агенцијата за безбедност на храната ги уништи тие производи, нагласувајќи дека на анализа испратила примероци уште од пет производи.
Пред Бугарија, коњско месо што се продаваше како говедско беше пронајдено и во Хрватска, а скандалот се прошири и до Хонгконг. Според досегашните испитувања, спорното месо најверојатно потекнува од Кипар и Романија.


Во Македонија проблем со коњско месо нема, сомнително месо – има, а има и избегнување царински давачки за храна!

Скандалот ги алармира македонските граѓани, меѓутоа уште со првиот голем европски случај, а и овој пат Агенцијата за храна и ветеринарство излезе со цврст став дека „кај нас нема никакви проблеми од тој тип“. Оттаму истакнаа дека контролите биле спроведени веднаш по добиеното известување од британската агенција за безбедност на храната дека смрзнатата храна од одредени производители, наместо говедско, содржи голем процент коњско месо.
Но ако во земјава досега нема регистрирано коњско месо на продажба, тоа не значи дека нашиот пазар е безбеден од разни измами.
За потсетување, Македонија беше обвинета од соседството дека сомнително пилешко месо, кое во земјава се набавувало од Бразил, се препродавало во соседна Србија. Според српските медиуми, станувало збор за живина што во Бразил била хранета со генетски модифицирана соја, чие месо било штетно за употреба.
Понатаму, во 2018 година, во македонските медиуми беше објавено дека во земјава се увезувало и продавало месо од Бразил и Канада без да се плати царина.
Тогаш беше обелоденето дека финансиската полиција отворила истрага за овој случај, во кој, според процените, на државата ѝ биле нанесени штети од околу еден милион евра.
– Агенцијата за храна и ветеринарство деновиве доби информација од Царинската управа на Република Македонија дека компанијата „Интернационал фуд базар“ од Скопје ја нема испочитувано законската обврска за плаќање царински давачки за увоз на месо – информираа тогаш од АХВРМ.
Според информациите што беа пласирани во јавноста, фирмата последен пат направила увоз на месо во земјава една година пред да биде обелоденет случајот. Според истрагата, тогаш во земјава влегле 50 шлепери месо и без царинење завршиле во малопродажба. Пратки со 1.200 тони месо исчезнале од царинскиот склад на фирмата увозник лоцирана во скопската населба Илинден, веднаш по нивното влегување во земјава.
Се претпоставуваше дека месото, кое било пилешко, јунешко и свинско без коска, е пуштено во промет.
Месото за кое се води истрага завршувало во супермаркетите, но и во саламите и други сувомесни производи кај неколку преработувачи.
Тогаш од АХВРМ информираа дека во овој случај во делот на безбедноста на увезените пратки процедурите биле испочитувани.

[email protected]