Писмо од Брисел, слики од Белгија
Лорета Трајкоска
специјално за „Нова Македонија“
Брисел полека но сигурно закрепнува од коронавирусот. Градот се отвора кон широката јавност и секојдневно организира разни настани како фестивали, концерти и други занимливости од културно-забавен карактер. Театрите, музеите и оперските сали ширум ги отворија своите врати за својата жедна публика. Градот повторно започна да дише со полни гради.
Неодамна Брисел беше домаќин на еден несекојдневен настан, во организација на бриселското пристаниште, кој предизвика огромно внимание, не само на домашните посетители туку и на многубројните туристи. Имено, беше организирана посебна изложба со посета на бродови. На програмата стоеше бесплатна посета на стари бродови, патување со брод, имаше разни спортови на вода, камиони со храна, барови и слатки. Од центарот на Брисел и од една станица на каналот беше организиран и бесплатен превоз. На изложбата беа претставени неколку брода. Сите пленеа со својата убавина и грациозност.
Еден од пооригиналните бродови беше бродот „Хидрограф“. До 1962 година, тој бил брод за хидрографско истражување на холандската кралска морнарица. Поради долгиот работен век, бродот и денес е во првобитната состојба. Бродот бил произведен во Ротердам, во 1909-1910 година. Како што било вообичаено во тоа време, тој бил брод со два парни мотори на јаглен.
„Еднорог“ е брод реплика, во размер 1:4, на големиот воен брод на кралот Луј XIV. Во 2017 година, непрофитното здружение „Маритим“ одлучило да го изгради овој брод со група млади и возрасни луѓе како проект за социопрофесионална интеграција. Бил готов во 2019 година и е целосно оперативен и плови од јули 2021 година.
„Утринска ѕвезда“ – прекрасен едреник што се одликува со својата грациозна фигура на морско коњче. Бил пуштен во употреба во 1919 година и се користел за риболов на харинга во Северно Море. Подоцна се користел како брод за спортски риболов и како брод радиостаница. Во 1980 година бродот бил закотвен во Амстердам, каде што останал долго време без да исплови. Бил многу оштетен и складишниот простор требало да се поднови, затоа што бил поплавен. Во 1993 година, „Утринска ѕвезда“ повторно бил користен за обука на морнарите. Бродот бил целосно обновен и повторно го подигнал сидрото во 2008 година.