Јужноафриканска Република
Голем пожар тешко го оштети парламентот на Јужноафриканската Република во туристичката метропола Кејптаун. Над 70 пожарникари се бореа очајнички против огнот, кој ја зафатил и салата во која заседава Националното собрание. Огнот во текот на изминатиот ден конечно беше ставен под контрола. Како што е соопштено официјално, пожарот прво избил на задната страна од комплексот згради, каде што е салата во која се одржуваат седници на Националниот совет на провинциите, но неколку часа подоцна се проширил и врз зградата на Националното собрание. Од оштетувањата предизвикани од огнот се урнал покривот на старата пленарна сала, но нема повредени. Во парламентарниот објект се наоѓаат голем број национални артефакти, нејасно е во колкава мера се тие оштетени. Полицијата уапсила еден осомничен, кој бил затекнат во една од зградите на парламентот, и се очекува веќе денес да биде изведен пред судија. Истрагата за причините за пожарот продолжува и се претпоставува дека можеби станува збор за подметнат пожар.
Подготвил: Дејан Србиновски