Односот на францускиот претседател Емануел Макрон кон украинските воени напори во повеќе наврати се покажа збунувачки за сојузниците, кои се прашуваат зошто Франција инстистира на дијалог со рускиот претседател Владимир Путин и ја спомнува потребата за безбедносни гаранции за Москва, пишува „Политико“.
Уделот на Париз во воената помош за Украина е значително помал во однос на пруженото од Берлин, според проценките на институтот за светска економија „Кил“, а германскиот канцелар Олаф Шолц, сепак, трпи критики поради бавното носење на одлуката за испраќање на тенкови „Леопард 2“ на Украина. Дури и со ветувањето на Макрон за испраќање хаубици „Цезар“ и на одбранбениот систем МАМБА заедно со Италија, француската помош веројатно ќе биде помала од онаа на најголемите поддржувачи на Украина за годинава. Обединетото Кралство вети над седум милијарди евра од ноември минатата година, Полска над три милијарди долари, а Франција понуди 1,4 милијарди евра за Украина.
– Кога Зеленски ги посети западните лидери минатата недела, Париз не му испрати официјална покана, а состанокот со Макрон безмалку немаше да биде одржан. Францускиот претседател првично планирал да ја помине вечерта во театар, заедно со неговата сопруга. Советниците на францускиот претседател испратиле покана и организирале посета на Париз, дури откако виделе видеоснимки од одбраќањето на Зеленски во Лондон – пишува „Политико“, додавајќи дека кабинетот на Макрон првично планирал понатамошна посета на Зеленски на Париз, но ги забрзал плановите.
Претставниците на француската власт го бранеа Макрон кога беа запрашани зошто Париз понекогаш има различни ставови за Украина во однос на западните сојузници, а се повикуваа на поинакви одговорности за европската одбрана кога станува збор за испраќањето воена помош.
Франсоа Eсбур од Меѓународниот институт за стратегиски студии смета дека пристапот на Макрон кон Украина претставува пропуштена прилика, во смисла на амбициите на францускиот претседател за позиционирање како европски лидер во рангот на неговиот претходник Франсоа Митеран.
– 2022 беше година на пропуштени прилики. Макрон помина 15 дена велејќи дека Русија бара безбедносни гаранции, како Русија да не може сама да го побара тоа. Макрон може да го надомести загубеното, но под услов да заземе јасен став за Украина, и да го врати легитимитетот меѓу државите од Централна Европа – вели Eсбур.
Макрон има уште три години од тековниот мандат, што претставува доволно време да се посвети на интересите поврзани со Украина, но со уличните протести поради планираните пензиски реформи што го оптоваруваат дома, се чини дека златната шанса поминува, заклучува „Политико“.