Историографијата има долго паметење, но луѓето – не!

Писмо од Мелбурн, слики од Австралија

Гордана Димовска
специјално за „Нова Македонија“ од Мелбурн, Австралија

Интересна дебата се разви деновиве во Австралија, која ја крена на нозе историската, но и правната фела, бидејќи секој има нешто да каже и да даде прилог во расветлувањето на ликот и делото на една од најзначајните фигури во австралиската историја. Дури, за таа цел, сега, 102 години од смртта на Самуел Грифит, австралиски државен обвинител, творец на австралискиот устав, премиер на Квинсленд, се организира симпозиум на кој ќе се зборува за преиспитување на неговото место во австралиската историја, што би значело и евентуално преименување или задржување на неговото име, кое го носат универзитетот, електоратот и предградието Грифит во сојузната држава Квинсленд.

Симпозиумот се случува како одговор на книгата „Кажување на вистината“ од Хенри Рејнолдс, од 2021 година. Токму во книгата тој е опишан како „овозможувач“ на едно од најкрвавите поглавја во австралиската историја – европското освојување на тропскиот север. Во него, Рејнолдс – кој ќе го одржи главниот говор на симпозиумот – прашува: „Како може историјата да го памети човекот што направил малку за да го запре убивањето?“

Тасманискиот историчар и автор Хенри Рејнолдс тврди дека Грифит е многу позначајна тема за процесот на кажување вистина дури и од Џејмс Кук и додава дека тоа е, пред сè, британска историја. Притоа, Рејнолдс се фокусира на конфликтите меѓу европските доселеници и домородните луѓе.

Повикувајќи се на Законот за австралиските колонии од 1850 година, Рејнолдс тврди дека моќта на владеењето се префрлила од британскиот главен град на бреговите на Австралија. Од тој момент, практично колонизацијата беше надгледувана од Австралијците, нејзините граници ги проширија слободни доселеници, а не осуденици. Како што пишува Рејнолдс во најновото издание на „Грифит ривју“, токму Самуел Грифит има повеќе крв од „убиени мажи, жени и деца“ на рацете од кој било од колонијалните водачи на Квинсленд. Тоа е затоа што Грифит беше или премиер или државен обвинител во поголемиот дел од крајот на 19 век – кога беснееја некои од најбруталните погранични војни во земјата. Под негово управување имаше широкораспространето насилство не само што се сметаше за неморално според денешните стандарди туку, како што тврди Рејнолдс, незаконски дури и според тогашните закони од најмалку две причини.

Прво, домородните луѓе се сметаа за британски поданици. Убиството на Абориџин требало да значи убиство. Вториот беше дека голем дел од „растурањето“ на првите народи на северот се случи во период кога законите експлицитно забрануваа протерување на Абориџините од нивната земја.

И самата причина што името на Грифит ги краси универзитетот и интелектуалното списание – неговата несомнена правна брилијантност – го прави особено виновен за неказнетите убиства во државата што ја водеше.

Тоа беше нелегално, нема сомнение за тоа. Грифит мора да знаел – вели Рејнолдс.
Ксавиер Бофа, извршниот директор на здружението „Семјуел Грифит“, формирано во 1990-тите за да го „одбрани Уставот“, вели дека Грифит имал „интегрална улога“ во создавањето на Австралија како „една од најстабилните, најпросперитетни и најдолготрајни либерални демократии“ во светот.

Иако постои тенденција да се митологизираат личности како сер Самуел за нивниот огромен придонес во историјата на нашата нација, треба да запомниме дека и тие беа само луѓе. Како и сите нас, грешките што можеби ги направиле не ги поништуваат нивните многубројни позитивни придонеси за општеството. Иако е правилно да размислуваме критички за нашето минато додека продолжуваме да растеме како општество, во водењето на овие разговори треба да бидеме многу колебливи дали да исфрлиме некого од историјата – додава Бофа.

Од друга страна, Фиона Фоли, истакната уметница и академичка, на симпозиумот ќе им понуди свој предлог на колегите од универзитетот „Грифит“ во Бризбејн, кога ќе се водат дискусии за тоа дали институцијата треба да го смени името. Таа ќе го предложи името Дундали, воинот од Дала што го предводеше отпорот кон европската инвазија на југоисточен Квинсленд. Предлогот на Фоли ќе биде слушнат на симпозиум на кој историчарите, интелектуалците и домородните водачи од целата земја ќе се борат со наследството на еден од основачите на Австралија, клучен автор на австралискиот устав и првиот врховен судија – сер Самуел Грифит.


Кој е Самуел Грифит

Самуел Грифит беше австралиски врховен судија и политичар, кој служеше како инаугуративен главен судија на Австралија, од 1903 до 1919 година. Тој, исто така, беше главен судија на Квинсленд и доби два мандата како премиер на Квинсленд. Одигра клучна улога во подготвувањето на австралискиот устав.
Доаѓа во Австралија во 1854 г., со своето семејство, таткото Едвард Грифит подоцна станал свештеник на Конгрегациската црква во Ипсвич, во близината на Бризбејн. Во 1870 г. во Сиднеј завршува за магистер по уметност.

По брилијантната кариера на Универзитетот во Сиднеј, Самуел Грифит бил примен, во 1867 година, како адвокат на врховниот суд на Квинсленд. Во 1872 година влезе во парламентот, стана премиер во 1883 година и беше во Законодавното собрание дваесет и една година. Во 1893 година тој беше назначен за главен судија на Квинсленд. Неговото силно застапување обезбеди анексија на Нова Гвинеја и доведе до Законот за одбрана на Квинсленд од 1884 година. Во 1887 година, на конференцијата за империјата во Лондон, тој ги искажа своите ставови за единството на империјата. Во 1891 година, како претседавач на Сиднејската конвенција за федерацијата на австралиските колонии, тој го подготви Уставот и додека не беше донесен закон од британскиот парламент, во 1900 година, најактивно учествуваше во неговото завршување. Во 1913 година добил диплома LL.D. honoris causa од Универзитетот во Велс. Тој почина на 9 август 1920 година, во „Мертир“, неговиот дом во Бризбејн.