Претседателот на САД, Џо Бајден, ја соопшти веста, истакнувајќи дека е отстранета голема терористичка закана за светот. Американските власти не го наведоа името на убиениот водач на ИД, но наведоа драматични детали за операцијата што се планирала со месеци. Неколку американски експерти за „Би-би-си“ изјавија дека смртта на Курајши ќе биде удар за ИД, но дека на крајот секогаш постојат шанси терористичката група да се прегрупира

Лидерот на терористичката група Исламска држава (ИД), Абу Ибрахим ал Хашими ал Курајши, се саморазнесе заедно со своето семејство кога специјалните сили го опколија неговото скривалиште по оружена престрелка. Претседателот на САД, Џо Бајден, ја соопшти веста за медиумите, истакнувајќи дека е отстранета голема терористичка закана за светот. Американските власти не го наведоа името на убиениот водач на ИД, но наведоа драматични детали за операцијата што се планирала со месеци. Неколку американски експерти за „Би-би-си“ изјавија дека смртта на Курајши ќе биде удар за ИД, но дека на крајот секогаш постојат шанси терористичката група да се прегрупира.

Каде се криеше лидерот на ИД?

Целта на операцијата беше станбен објект на три ката на периферијата на градот Атма, кој е под опозициска контрола и се наоѓа во северниот дел на провинцијата Идлиб, во близината на границата со Турција. Регионот е упориште на џихадистички групи, кои се жестоки непријатели на ИД, како и на бунтовнички фракции поддржани од Турција, кои се борат против сириската влада. Разузнавачките извештаи наведуваат дека Курајши живеел со своето семејство на вториот кат во станбената зграда во Атма, од каде што раководел со ИД преку курири за да издава наредби во Сирија и на други места.
Озлогласениот милитант стана лидер на терористичката група во 2019 година, по смртта на неговиот претходник Абу Бакр ал Багдади. Иако ИД го соопшти неговото доаѓање на нејзино чело само четири дена по смртта на Багдади во октомври 2019 година, се веруваше дека Курајши долго време се подготвувал за улогата и се држел подалеку од бојното поле во очекување да застане на централното место.
Американските власти понудија награда од 10 милиони долари за информации поврзани со џихадистот што беше роден во Мосул, Ирак, во 1976 година.

Како беше извршена операцијата?

Додека бил во Атма, Ал Курајши никогаш не го напуштал домот, па така можен воздушен напад би бил проследен со високи ризици од цивилни жртви, бидејќи се сметало дека во зградата живеело и друго семејство што не било поврзано со лидерот на ИД или не било свесно за неговото присуство. Затоа, според високи претставници на американската администрација, бил проучен копнен напад, при што биле разгледувани десетина сценарија и преземени процени на ризик за состојбата на теренот.
Американскиот претседател беше информиран за деталите за можна операција уште во декември. Тој даде зелено светло за акција на специјалните сили, следејќи ја во реално време од Белата куќа додека неколку хеликоптери беа испратени во Атма.
Локални извори велат дека американските специјални единици наишле на силен отпор на теренот и дека биле под оган од противвоздушни пушки поставени на возила. Два часа пред да заминат хеликоптерите се слушале истрели од гранати и огнено оружје. Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, изјави дека американските сили успеале да евакуираат 10 лица од станбениот објект, вклучувајќи и осум деца. Меѓу оние што го загубиле животот во акцијата биле еден од замениците на Курајши и неговата сопруга, кои и двајцата отвориле оган врз американските сили. Кирби сепак додаде дека САД немаат целосно точни информации за секој поединец што загинал.
Како што се одвивала акција, Курајши активирал експлозивна направа на третиот кат од станбениот објект, при што загинале самиот тој, неговата сопруга и двете деца. Претседателот Бајден го опишал тоа како „последен чин на кукавичлук“, а според Кирби, Курајши бил идентификуван преку отпечатоци и ДНК-анализа. Од американска страна немало никакви жртви и сите припадници вклучени во операцијата се вратиле на безбедно, како што соопшти Бајден.

Слабее ли ИД?

Терористичката група Исламска држава повеќе не контролира големи делови од Ирак и од Сирија, како што беше во екот на својата моќ, ниту, пак, ги привлекува џихадистите како порано кога нејзината команда на социјалните мрежи регрутираше и поттикнуваше други лица да вршат напади во нивното место на живеење. Таа исто така повеќе нема исти капацитети да извршува надворешни операции во Европа, како терористичките напади во Париз од 2015 година.
Лани нејзината филијала во Авганистан привлече поголемо внимание, особено со смртоносниот напад во Кабул додека САД и нивните сојузници се повлекуваа. Но во последните месеци имаше загриженост од претставници на антитероризмот дека групата се обидува да се преструктурира во Ирак и во Сирија и да изгради поголеми капацитети. Тоа беше забележано во заседите и нападите, особено во значајниот обид за масовно бегство од затвор во североисточна Сирија минатиот месец, како и обновената пропаганда. Вашингтон се надева дека смртта на Курајши ќе ги одврати сите повторни оживувања на таа идеологија.


САД се координирале со Русија да извршат акција во северозападна Сирија, која резултира со физичка елиминација на лидерот на терористичката Исламска држава. Русија и САД дејствувале во содејство и синхронизирано за изведување сложена антитерористичка акција, што е навистина ретко виден гест, особено сега во време на зголемени тензии помеѓу Москва и Вашингтон поради украинската криза

Малку поинаква слика на односите меѓу големите сили

Сложни браќа заканa одвраќаат

Минатата недела светската јавност со големо внимание ја следеше операцијата на американските специјалци на територијата на Сирија, која резултира со убиството на лидерот на терористичката Исламска држава.
Сепак, се чини дека една информација како да остана во сенка, дека не се најде во извештаите на медиумите, а пак која фрла малку поинакво светло на целата операција, но и на односите меѓу големите сили, за кои во принцип преовладуваат стереотипи. Имено, според она што сега полека се пробива во јавноста, е податокот дека во средата Русија ги поддржала антитерористичките акции на САД, што е навистина ретко виден гест, особено сега во време на зголемени тензии помеѓу Москва и Вашингтон поради украинската криза.
Последниве денови се појавија детали за атентатот и акцијата. Колку што е познато, според американските медиуми, САД се координирале со Русија за да извршат акција во северозападна Сирија. Соединетите Американски Држави ѝ ставиле до знаење на Русија што имаат намера да направат и побарале од нив да се воздржат од каква било воена акција во областа за време на операцијата. Руските копнени и воздушни сили обично се присутни во таа област. Но како дошло до тоа што двете страни постигнале договор сѐ уште не е откриено.
„Ги поддржуваме напорите на секоја држава, вклучувајќи и на земјите-членки на коалицијата предводена од САД, против терористите“, соопшти руското министерство за надворешни работи.
Но во исто време, тие повикаа на детална истрага за да се утврди дали има непотребни цивилни жртви во операцијата на САД.
Американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот објави дека глобалната терористичка закана е отстранета откако лидерот на Исламската држава се разнесе кога припадниците на американските специјални сили го погодија неговото засолниште во Сирија. Абу Ибрахим ал Хашими ал Курајши го презеде раководството на оваа озлогласена терористичка организација откако неговиот претходник Абу Бакр ал Багдади, исто така, беше убиен за време на акција на САД, а тоа се случи во истиот сириски регион во 2019 година.
Од своја страна, Москва вели дека е подготвена да соработува со сите земји што се заинтересирани за борба против заедничката закана од тероризам. Тие нагласија дека Русија донела решителна одлука за спротивставување на тероризмот и дека досега направиле многу на ова поле. Тие како пример ја истакнаа нивната улога во сириската граѓанска војна.