Поради индикатори за зголемена активност на Исламската држава на Запад и нејзиниот разгранок ИСИС-К, со почетокот на Олимпијадата во Париз расте загриженоста меѓу европските безбедносни служби. Тоа го констатираат и пишуваат повеќе западни медиуми
Олимписките игри под терористички закани од ИСИС-К
Анализата на 27 напади и подготовки за напади поврзани со ИСИС,покажа дека од 58 лица од извршителите или од осомничените за подготовка на терористички напади, 38 лица биле на возраст меѓу 13 и 19 години! Имено, последните информации на Европол покажуваат дека „бројот на напади и планирани напади е зголемен за повеќе од четири пати“ од 2022 година.
Очигледното зголемување на регрутирањето млади милитантни екстремисти за извршување терористички акти доаѓа во момент кога европските безбедносни претставници изразуваат загриженост за „голема веројатност од обновување организирани терористички напади“.
Летните олимписки игри во Париз, кои официјално се отворија вчера, беа особено загрозени од ИСИС-К, Исламската држава во Хорасан, активна филијала на ИСИС со потекло од Централна Азија.
ТЕРОРИСТИ СЕ РЕГРУТИРААТ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ?!
Според јавно достапни судски документи и анализи низ медиумите, ИСИС-К, Исламската држава во Хорасан, активна филијала на ИСИС со потекло од Централна Азија, изгради невообичаено силна мрежа во Турција во текот на изминатите три години. Според исклучително ефикасната турска разузнавачка агенција МИТ, само во 2023 година во 122 операции биле уапсени 426 осомничени за ИСИС-К. Според Питер Нојман од студиите за безбедност во Лондон, групите како ИСИС-К конкретно целат на младите тинејџери бидејќи тие се најмалку сомнителни.
– Можеби тие не се многу корисни, но тие се најмалку сомнителни. Доволно е еден терорист од нив да ја заврши својата крвава мисија – објаснува Нојман.
Тој тврди дека постојат конкретни сознанија дека „тинејџерите се регрутираат преку платформи на социјални медиуми“, преку специфични алгоритми каде што џихадистичките регрутери можат да ги придобијат.
– ИСИС-К сега е далеку најамбициозниот и најагресивен дел на ИСИС – рече Питер Нојман од студиите за безбедност во Лондон, додавајќи дека тоа значи дека групата може да планира поголеми, посложени напади со повеќе терористи.
РЕАЛНА БЕЗБЕДНОСНА ЗАКАНА ЗА ИГРИТЕ ВО ПАРИЗ
Во врска со ваквите безбедносни индикатори и закани, портпаролот на социјалната мрежа Тикток изјави за Си-ен-ен: „Ние стоиме цврсто против насилниот екстремизам и отстрануваме 98 отсто од содржините за кои е утврдено дека ги прекршуваат нашите политики за промовирање тероризам пред да ни бидат пријавени“.
За издвојување е информацијата дека „од 27 заговори или планирани напади што ги испита гореспоменатиот експерт Питер Нојман, двајца видно вклучени тинејџери беа насочени кон Олимписките игри летово“. Имено, според Лиза Жаулин, портпаролка на француското обвинителство за контратероризам, кон крајот на мај француските обвинители обвинија 18-годишник со чеченско потекло за „терористичко злосторничко здружување“, со пеколен план насочен кон гледачите на олимписките борилишта во градот Сент Етјен. Натаму, околу две недели претходно од споменатиот случај, две момчиња на возраст од 15 и 18 години беа лишени од слобода во североисточна и јужна Франција поради планирање терористички напад.
Во низата настани, за издвојување е и оној од април годинава, кога 16-годишник од департманот Горна Савоа во југоисточна Франција беше уапсен поради негово интересирање „како да се направи појас со експлозив и да се умре како маченик на ИСИС за време на Олимпијадата“. Токму затоа, поради сето горенаведено, безбедносната подготвеност во Париз е на највисоко можно ниво. Р.С.