За време на зимската сесија во Стразбур, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), при вториот круг на гласање го избра Ирецот Мајкл О’Флаерти за нов комесар за човекови права на Советот на Европа. Тој ќе го започне својот мандат од шест години на 1 април 2024 година, без право на повторен избор. На функцијата комесар тој ја наследува Дуња Мијатовиќ

Втор круг гласање на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во Стразбур

За време на зимската сесија во Стразбур, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), при вториот круг на гласање го избра Ирецот Мајкл О’Флаерти за нов комесар за човекови права на Советот на Европа. Тој ќе го започне својот мандат од шест години на 1 април 2024 година, без право на повторен избор. На функцијата комесар тој ја наследува Дуња Мијатовиќ.
Мајкл О’Флаерти доби 104 од гласовите дадени во вториот круг од изборите, што претставува релативно мнозинство и со тоа е избран за комесар за човекови права на Советот на Европа со мандат од шест години. Меглена Кунева (кандидатка на Бугарија) доби 70 гласа, а Манфред Новак од Австрија 37 гласа.
О’Флаерти беше најдобриот избор што можеше да го направи ПССЕ, откако Комитетот на министрите ја достави листата од тројца кандидати, меѓу кои се најде и кандидатката од Бугарија – земја што има сериозни проблеми со почитувањето на човековите права и, пред сѐ, со спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во однос на македонското малцинство во оваа земја.
О’Флаерти е роден на 5 март 1959 година во Галвеј, Ирска, и ќе дојде на оваа функција од функцијата директор на Агенцијата за фундаментални права на Европската Унија од 2015 до 2023 година.
Претходно О’Флаерти беше професор по право за човекови права и директор на Ирскиот национален универзитетски центар, главен комесар на Комисијата за човекови права на Северна Ирска и член на Комитетот за човекови права на Обединетите нации 2004-2012 година.
„За време на моите осум години во Комитетот, работев и како известувач за 67 мислења (одлуки за жалби поднесени од поединци до Комитетот во врска со државните практики) и за 40 заклучни согледувања за периодичните извештаи на државите членки“.
Со неговите искуства во областа на човековите права, тој е меѓу најдобрите специјалисти во оваа област во Европа, а има искуство и од подрачјето на поранешна Југославија, особено во Канцеларијата на високиот претставник во Босна Херцеговина, 1996-1997 година, потоа како стручен советник за човекови права во контекст на Дејтонскиот мировен договор и теренски дописник за специјалниот известувач на Обединетите нации за човекови права за поранешна Југославија. Тој ја основа првата Канцеларија за човекови права на Обединетите нации во Босна и Херцеговина и исто така беше одговорен за оваа канцеларија за поранешна Југославија.
Комесарот за човекови права е несудска, независна и непристрасна институција, создадена во 1999 година од страна на Советот на Европа, за промовирање на свеста и почитувањето на човековите права во 46-те земји членки; да се идентификуваат можните недостатоци во законот и практиката за човекови права; и да ги олесни активностите на националните канцеларии на народниот правобранител и другите структури за човекови права.
Комесарот врши редовни посети на земјите членки за да се ангажира со владите и граѓанското општество и да подготвува извештаи за прашања што спаѓаат во неговиот мандат.
Новиот комесар за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, бил и римокатолички свештеник, 1987-1992 година. За време на својата свештеничка работа тој вели дека имал: „Пастирска работа со млади луѓе, затвореници и локалната заедница. Се повлеков од свештенството во 1993 година кога почнав да работам во областа на меѓународните човекови права.“


Не може комесар за човекови права да биде од држава што има сериозни проблеми со почитувањето на човековите права и со спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права

Советот на Европа многу добро ги знае политиките на Бугарија во однос на македонското малцинство

Откако и Бугарија како земја што не ги почитува човековите права, вклучувајќи ги и правата на Македонците што живеат во оваа држава, поднесе кандидатура за својата кандидатка Меглена Кунева, „Нова Македонија“, благодарение на својот специјален соработник од Стразбур, Тони Гламчевски, со внимание ја следеше процедурата на изборот, за што веќе во два наврата ги информиравме нашите читатели. Меѓу другото, сакавме да видиме колку Европа им посветува внимание на почитувањето на човековите права и, пред сѐ, на спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во однос на македонското малцинство во оваа земја.
Како што е познато, процедурата се заокружи со отфрлање на бугарскиот предлог, па во првиот обид Кунева не ги доби потребните гласови, а во вториот обид О’Флаерти беше избран за комесар, со што Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) јасно декларира што мисли за државните политики на Бугарија во однос на почитувањето на човеквите и малцинските права.

Тони Гламчевски, специјално за „Нова Македонија“ од Стразбур