Техеран ги отфрла наводите дека Иран и Русија заеднички градат фабрика за дронови, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани.
– Извозниците на оружје и воените подбуцнувачи се обидуваат да ги оправдаат своите еднострани потези и погрешни пресметки во планирањето на војната со објавување лажни вести – рече Канани, пренесува ТАСС.
Тој нагласи дека Иран не зазема страна во конфликтот во Украина.
– Тоа се лажни вести, земјите кои се најголеми добавувачи на оружје и опрема на една од страните во конфликтот сакаат да го измамат светското јавно мислење со ширење лажни вести. Иран не зазема страна во конфликтот во Украина, ниту има намера да го стори тоа. Иран има за цел да промовира политичко решение – рече портпаролот на шефот на иранската дипломатија.
Претходно „Волстрит џурнал“ објави дека Иран, наводно, испратил делегација во Русија за да ја испита можноста за изградба на фабрика која би можела да произведе 6.000 беспилотни летала дизајнирани од Иран, а кои Русија би можела да ги користи во конфликтот во Украина.