Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска упати остра критика на иранската влада за нејзиното задушување на протестите во земјата и рече дека Германија стои „рамо до рамо со иранскиот народ“.
Шолц рече дека протестите предизвикани од смртта на 22-годишната Махса Амини на 16 септември, откако таа беше приведена од иранската полиција за морал, веќе не е само борба „поради кодекс на облекување“, туку прерасна во борба за слобода и правда.
– Не можеме да замислиме колкава храброст е потребна за тоа. Досега животот го загубија 300 луѓе, десетици се осудени на смрт, а повеќе од 14.000 се уапсени – рече Шолц.
Тој додаде дека оние кои демонстрираат против угнетувањето во Иран ги ризикуваат своите животи, а често и животите на своите најблиски.
– Јасно е дека иранската влада е единствено одговорна за овој бран на насилство – рече Шолц, додавајќи дека ќе се воведат дополнителни санкции врз Иран поради неговата брутална акција и одлуката да испрати стотици беспилотни летала во Русија за употреба во војната во Украина.
Се очекува министрите за надворешни работи на Европската Унија да се договорат за дополнителни санкции на состанокот во понеделник.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок вчера ги отфрли обвинувањата на нејзиниот ирански колега дека зазема „интервенционистички“ став во однос на протестите во Иран.