Фото: ЕПА

Причините за новите турбуленции на американскиот банкарски пазар експертите ги гледаат и во политиката на сите финансиски регулатори изминатава година, кои на рекордно високо ниво ги зголемија каматните стапки. По банкротите на американските банки, ФЕД (Федералните резерви на САД) најави покривање и гарантирање на сите влогови. Експертите отворено прашуваат дали тоа ќе биде повторно со печатење долари?

Дали несоодветната борба со инфлацијата предизвика нова банкарска криза

Банкарскиот и финансискиот сектор на САД и Европа се изложени на ризикот од нова финансиска криза, предизвикана од новиот бран на банкроти на банки, по хипотекарната криза во 2008 година, која се одрази и на глобалниот пазар. За само една недела, банкрот објавија две големи банки во САД. Тоа прво беше сторено за СВБ на Силициумската Долина, а потоа и за банката Сигначр, што е трет најголем банкрот во историјата на САД. Американските регулаторни власти ја затворија банката Сигначр со седиште во Њујорк, која е една од главните банки во криптоиндустријата. Минатата недела, банката Силвергејт, најголемата во бизнисот, објави дека ќе се ликвидира поради актуелната криза на криптопазарот. Силвергејт, како што објаснуваат американските регулатори, ќе биде ликвидиран за да се спречи ширењето на банкарската криза, бидејќи е голем доверител во криптоиндустријата, пренесоа американските медиуми.

Прелевање на банкарската криза преку Атлантикот

Стравот од прелевање на проблемите од американските банки на европското тло беше поттикнат и со потенцијалниот „колапс“ на швајцарската банка Кредит свис, која на берзанското тргување со акции забележа загуба од дури 40 отсто, откако најголемите акционери на банката најавија дека нема веќе да ставаат пари во банката. Неколку банки покрај Кредит свис го прекинаа тргувањето со своите акции и други хартии од вредност, за да го запрат она што изгледа како страшен пад на берзите. Веста дека Кредит свис, една од најголемите европски банки, успеала да обезбеди заем од 50 милијарди франци од Швајцарската национална банка, ги стабилизира европските финансиски пазари, сега за сега смирувајќи ги стравовите од избивање европска банкарска криза.
Причините за новите турбуленции на банкарскиот пазар експертите ги гледаат и во политиката на сите финансиски регулатори изминатава година, кои ги зголемија каматните стапки на рекордно високо ниво. Според нив, обидувајќи се да ја зауздат инфлацијата, регулаторите ги обезвреднија обврзниците, кои, пак, се начинот на кој најголем број банки ги чуваат своите средства. Поради тоа банките беа принудени да продаваат акции и обврзници за да ја обезбедат својата солвентност
– Затворањето на поголемата банка во САД е последица на непочитувањето на базелските принципи за поголема банкарска безбедност. Станува збор за неусогласеност на пасивата и активата по рочност на депонираните средства и банкарските пласмани. Поголемиот дел од депозитите односно пасивата се однесува на долгорочни хартии од вредност на рочност од 50 години. Со одлуките на ФЕД се влијаеше на каматните стапки на обврзниците и тоа предизвика и паника кај инвеститорите, кои ги повлекуваа средствата од банката. Не се очекува прелевање на банкарската криза од САД, затоа што од Федералните резерви најавија покривање (?!) и гарантирање на сите влогови и над 250.000 долари. За проблемите со кои се соочува швајцарската банка, не сум запознаен за причините што довеле до оваа состојба. Оваа банка има многу големо влијание на финансиските текови и националните регулаторни институции нема да дозволат нејзино пропаѓање. Прашањето е зошто повторно се случува во најразвиените финансиски системи во светот да се појавуваат банкарски кризи. Сметам дека македонскиот банкарски систем не е изложен на ризикот од прелевање на кризата во банкарството од САД – ни изјави Љубе Трпевски, поранешен гувернер на Народната банка на Македонија.

Централните банки го користат зголеменото ниво на каматите за да ја намалат инфлацијата, но со тоа оди во пакет и намалување на бизнис-активностите

Падот на вредноста на обврзниците не е голем проблем за банките сѐ додека тие не бидат принудени да ги продаваат за да ја подобрат својата ликвидност. Таквата продажба покрај тоа што ја намалува вредноста на обврзниците на банката што продава, ја намалува и вредноста на обврзниците и на другите банки.
– Има повеќе причини за пропаѓањето на Силикон вали банк, а една од нив е лошото управување со ризикот на пласманите во таа банка. Најголемиот број штедачи беа од технолошкиот бизнис. Тоа беа релативно мал број иноватори со високи депозити во банката, која купуваше долгорочно хартии од вредност од државата. Сега поради инфлацијата почнаа да растат каматите, а кога луѓето сакаат да ги извадат парите наеднаш, банката нема готовина и мора да продаде некои хартии од вредност. Тогаш банката се соочува со загуба – објаснува економскиот експерт Михаило Гајиќ.
Актуелната криза се случува во време на растечки камати на глобално ниво. Централните банки нивото на каматите го користат за да ги намалат бизнис-активностите и со тоа и инфлацијата. Таквото заострување на монетарната политика предизвикува главоболки кај стартапите, бидејќи им се кратат средствата за финансирање и се ограничува потрошувачката на клиентите. Од друга страна, колапсот на банките и финансиската ранливост што ја исфрли на површина би можеле да ги попречат напорите на централните банки да го намалат растот на цените. Еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони, кој се осврна на ризиците што може да произлезат од актуелната криза за ЕУ, рече дека има „можност за индиректно прелевање, но во моментов тоа не ни се чини како посебна закана“. Сепак, креаторите на политиката на Европската централна банка сè уште се наклонети кон зголемување на стапката за половина процентен поен, бидејќи очекуваат инфлацијата да остане висока. Инвеститорите почнаа да се сомневаат во посветеноста на ЕЦБ за уште едно големо зголемување на каматните стапки, бидејќи колапсот на СВБ ги потресе пазарите.
За нашиот банкарски систем нема опасности, соопштија од Централната банка на Македонија. Пропаѓањето на Банка на Силикон вали банк нема никакви директни последици за нашиот банкарски систем, имајќи ја предвид малата изложеност кон нерезидентите, но и традиционалниот деловен модел заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање. Од централната банка нагласија дека билансите на нашите банки се исклучително солидни, висококапитализирани и ликвидни и со историски најдобар квалитет на кредитното портфолио. Сепак, заради претпазливост во работењето, Народната банка внимателно ги следи сите случувања.


Кредит свис изгуби четвртина од својата вредност откако нејзиниот најголем инвеститор рече дека повеќе не може да ѝ дава финансиска помош на швајцарската банка. Саудиската национална банка, која поседува речиси 10 отсто од акциите во Кредит свис, соопшти дека апсолутно не е отворена за обезбедување дополнителна финансиска поддршка за проблематичната банка.
Поради настаните, акциите на Кредит свис се намалија за 25 отсто во досега најголемото забележано дневно тргување.
Банкарските акции низ светот паѓаат бидејќи инвеститорите стануваат нервозни по падот на Силикон вали банк (СВБ) во САД на 9 март.