Новиот свет полека се создава, а Индија несомнено ќе биде значаен фактор. Таа ќе ја наруши актуелната констелација на силите во светот, а нејзината улога може да биде решавачка на многу глобални полиња. Индија штотуку почна да го остварува својот потенцијал
Уште една држава што е во подем сака да влезе во клубот на големите глобални играчи
Првата петтина од 21 век ја обележи подемот на Кина, која со многу високи стапки на економски раст прерасна во втора по големина економија во светот. Но времето и новите состојби навестуваат уште една држава што тропа на вратата за да влезе на големата светска сцена, и тоа во улога на голем актер. Постепено почнува да се зборува за Индија, која полека ја презема улогата што ја имаше динамично растечката Кина во последниве три децении. На Кина ѝ помагаше фактот што е најнаселена земја на планетата и што кај САД и ЕУ постоеше потреба за пронаоѓање држави во кои ќе можат тие евтино да произведуваат. Работната сила беше евтина, а економијата релативно неразвиена, па постоеја големи можности за раст. Кинескиот БДП имаше услови да расте и со двоцифрена стапка.
Сега Кина ја надмина оваа улога на логистичар што овозможува „западен раст“. Според западните аналитичари, единствената земја што би можела да ја преземе улогата на Кина, во функција на Западот, е Индија.
Индија по стапките на Кина
Индија стана најмногубројната држава во светот. Населението на Кина е во постојан пад – за првпат по 1961 година, минатата година таа имаше повеќе починати отколку новородени лица. Брзото зголемување на платите доведе до тоа Кина веќе да не е толку евтина во споредба со остатокот од светот, стандардот порасна, а вкупниот број на вработено население почна да опаѓа неколку години пред падот на наталитетот.
Корпорацијата „Епл“, позната по тоа што најголемиот дел производи ги создава во Кина, планира до 2025 година една четвртина од производството да пресели во Индија. Ова е само еден пример за постепеното префрлање на евтиното производство од Кина во Индија. Причината е многу едноставна: платите на работниците во индустријата се многу пониски од оние во Кина.
Напредокот на Кина, наедно и причината поради која таа веќе не се смета за држава со евтина работна сила, е јасно видлив и од класификацијата на земјите според нивото на приход. Овде таа е класифицирана како држава со повисок среден приход и се наоѓа во друштво на европски држави како БиХ, Србија, Белорусија и Русија.
Индија е класифицирана како држава со понизок среден приход, заедно со Конго, Нигерија, Ангола, Кенија и др. И самото ова е доволен доказ колку Кина се разликува од Индија. Номиналниот БДП по жител во Кина изнесува 12,5 илјади долари, а во Индија само 2,2 илјади.
Минатата година населението во Индија веројатно беше побројно од она во Кина, а таа разлика само уште повеќе ќе се зголемува. Истата таа година, во Индија биле родени 16,3 деца на 1.000 жители, додека во Кина таа бројка била само 6,8. Исто така, населението во Индија во споредба со Кина е и помладо.
Кон крајот на 2021 година, Индија го престигна Обединетото Кралство и стана петта по големина светска економија. Следната цел е Германија, која со 83 милиони жители има економија што е за една третина поголема од седумнаесет пати понаселената Индија. Ова ги открива огромните разлики во развојот и животниот стандард. На пример, Кина со ист број жители има над петпати поголема економија од Индија.
Индија е сè уште многу затворена земја, а произведува главно за свои потреби. И апсолутниот извоз по жител е мал, особено во споредба со Кина. Само како паралела – на годишно ниво таа извезува помалку производи од Тајван, островска држава со вкупно население што не е поголемо од 24 милиони жители. Иако имаат ист број на население, Индија извезува многупати помалку од Кина.
Индија е проценета како земја со голем потенцијал за раст
Потенцијалот за раст на Индија е огромен. Доколку продолжат актуелните трендови, до 2027-та таа ќе стане трета најголема економија во светот, пред Јапонија и Германија. Во последнава деценија, просечниот годишен раст на БДП е поголем од 5 отсто, што е над светскиот просек, а особено над просекот на развиениот свет.
За разлика од Кина, чиј економски раст малку забавува, Индија ја очекува деценија исполнета со напредок. Во 2022 година, растот на Кина беше 3 отсто од БДП, а на Индија 7 отсто. Годинава разликата ќе биде малку помала, но сепак ќе остане 2-3 процентни поени во корист на Индија.
Иако денес не е позната како индустриска сила, зашто со оглед на нејзината големина извезува многу малку индустриски и потрошувачки производи, ситуацијата почна да се менува. Уделот на додадена вредност на производството изразено во БДП е понизок од 2006-та, кога изнесувал повеќе од 17 отсто, но сепак полека расте повеќе од нивото од 13 отсто, колку што изнесувал во 2019 година. Се проценува дека до 2031 година уделот ќе порасне на 21 отсто, со што учеството на Индија во светскиот извоз би се удвоило.
Од социјализам до капитализам – пат сличен како оној на Кина
Иако во историјата Индија никогаш не била комунистичка држава од типот на СССР и Кина, сè до почетокот на 1990-тите, таа функционираше и нагласуваше дека е социјалистичка држава. Во 1974 година, 42-от амандман од индискиот Устав беше сменет и од „суверена, демократска република“, внатрешното уредување на Индија стана „суверена, социјалистичка, секуларна, демократска република“.
Постоеја неколку иницијативи за бришење на терминот „социјалистичка“ – последниот беше во 2008 година – но тие останаа безуспешни.
Економската доктрина на Индија по стекнувањето независност може да се опише како „дирингизам“, што во основа претставува уредување во кое државата презема голема управувачка контрола врз економијата, наместо да има само регулаторна улога, каков што е случајот во капиталистичките економии.
На економскиот спектар, во кој на едната крајност е апсолутно слободниот пазар, а на другата е целосно централно планираната економија без приватна сопственост, дирингизмот е многу поблизок до онаа втората. Индија функционираше така, па затоа имаше повеќе сличности со Кина и СССР отколку со САД и Западна Европа.
На пример, постоеја петгодишни планови како оние во комунистичките земји, но приватната сопственост беше дозволена. Сепак, постоеја закони што го ограничуваа приватниот сектор, каков што беше оној што вели дека кога една компанија ќе стане доволно голема, таа автоматски преминува под државна контрола.
Контролата на цени беше дел од економските политики, а „лиценцирањето“ функционираше како начин за заштита на државните компании од приватниците. Последниот петгодишен план, 12-ти по ред, истече во 2017 година, но оттогаш не се објавуваат нови.
Разделба од социјализмот по 1991 година
Во 1991 година, Индија тргна по пат сличен како оној на Кина од пред неколку години. Тогаш беше избран новиот премиер П.В. Нарасимхан Рао, кој ги почна процесите на либерализација, дерегулација, олеснувања за странски инвеститори, укинување на државните монополи и ставање на државните трошоци под контрола.
Процентот на сиромашно население опадна од 36 отсто во 1996 на 26 отсто во 1999 година, странските инвестиции се удвоија, порасна просечниот годишен раст на БДП, порасна учеството на надворешната трговија во БДП, а писменоста и просечниот животен век продолжија да растат по иста стапка, како во времето пред либерализацијата.
Сепак, одредени сектори останаа дарежливо субвенционирани од страна на државата, особено земјоделството, а разни трговски сојузи продолжија да ги ограничуваат пазарните слободи. Овој проблем до ден-денес не е решен, а последниот обид за намалување на моќта на интересните групации во земјоделството, како и реформите на секторот, во 2020 и 2021 година резултира со масовни протести.
Неврзана, но сепак нуклеарна сила
Нормално, растот на економската моќ ќе биде придружен со раст на геополитичката, воена и дипломатска моќ. Индија ќе стане многу поголем фактор на глобалната сцена, а главно прашање е како тоа ќе влијае на актуелната поделба на сили во светот. Со други зборови, дали Индија ќе застане на страната на Западот, на Кина, или можеби дури и на Русија?
Во почетокот веројатно ќе покаже симпатии кон САД и ЕУ, со цел да привлече инвестиции од западните корпорации, да добие технологија и да ги користи глобалните институции од Западот за сопствен подем (ММФ, Светската банка итн.). Слично како што правеше Кина.
Но Индија има долга историја на соработка со глобалниот Исток и глобалниот Запад. Заедно со Југославија, таа беше еден од лидерите на Движењето на неврзаните, а и денес е еден од неговите највлијателни членови. Иако во денешно време ова движење во практика нема никаква глобална моќ, реално е можно Индија да го искористи за ширење на своето меѓународно влијание.
Историја на тензии со Кина
Индија и Кина имаат заедничка историја на тензии и нерешени погранични прашања. Во 1962 година овие две земји беа во краткотрајна војна, а оттогаш периодично избиваат помали погранични конфликти. Индија е доволно голема за да игра по сопствени правила, што се покажа и во 2022 година, кога одби да престане со увоз на руска нафта и гас. Таа го направи сосема спротивното, ја презеде улогата на посредник и оствари големи профити од купувањето гас и нафта со попуст од Русија.
Не треба да се заборави дека станува збор за земја што е веќе нуклеарна сила, што ѝ дава многу поголема слобода во меѓународното дејствување, геополитика и дипломатија. Фактот што дели долга граница со историски непријателскиот Пакистан е голема пречка, што ќе се покаже и како голема ранливост.
Новиот свет полека се создава, а Индија несомнено ќе биде значаен фактор. Таа ќе ја наруши актуелната констелација на силите во светот, а нејзината улога може да биде решавачка на многу глобални полиња. Индија штотуку почна да го остварува својот потенцијал.
Подготвил: Mарјан Велевски