Станува сѐ поизвесно дека поради отежнатото снабдување со енергенти наредниве месеци во Европа, сериозно ќе бидат погодени домаќинствата, но и индустриските капацитети. Почетното намалување на испораките од страна на Русија ја зголеми цената на гасот, а потоа и цената на струјата, бидејќи многу термоцентрали работат на гас. Дополнителен проблем за засегнатите држави е што нафтата од почетокот на воените дејства, исто така, драстично поскапи
Украинскиот конфликт со глобални последици
Европските држави се соочуваат со исклучително сериозен предизвик за тоа како ќе ја дочекаат претстојната зима. Веќе е сосема извесно дека ќе нема доволно гас, кој е основниот енергент не само за индустријата туку и за домаќинствата. Пазарот со енергенти се најде во ваква состојба веднаш по почетокот на конфликтот во Украина и санкциите што кон Русија ги наметнаа повеќето европски земји, во надеж дека тоа ќе ја натера официјална Москва да ги прекине воените дејства. Но наместо тоа, Русија донесе одлука сериозно да ја ограничи, а некаде и сосема да ја запре испораката на гас и нафта кон Европа. Последиците од ваквиот развој на настаните се несогледливи, бидејќи европските земји едноставно не се во можност за толку краток период да се преориентираат на други извори на снабдување.
Рецесија поради намалениот проток на гас?
Како што веќе анализираат повеќето европски медиуми, први на удар се најдоа Летонците, кои од јули се без руски гас, па сега изнаоѓаат најразлични начини како да го надоместат важниот енергент. Медиумите се полни со сведочења на локални жители како се принудени да се снаоѓаат во новонастаната ситуација, во обид да го надминат сериозниот недостиг од гас.
Освен за Летонија, вентилот за рускиот гас веќе е исклучен и за Бугарија, Данска, Финска, Холандија и за Полска. Протокот на гас кон другите во Европа станува сѐ послаб: во јули беше за околу 70 отсто помал од претходната година, објаснуваат експертите за АФП.
Со тоа се зголемува извесноста дека во Европа ќе бидат сериозно погодени домаќинствата, но и индустриските капацитети. Почетното намалување на испораките од страна на Русија ја зголеми цената на гасот, а потоа и цената на струјата, бидејќи многу термоцентрали работат на гас. Дополнителен проблем за засегнатите држави е што нафтата, исто така, сериозно поскапи од почетокот на воените дејства.
– Војната ја предизвика „првата вистинска глобална енергетска криза во историјата“ – вели Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Ваквите сериозни укажувања потекнуваат од фактот што гасот е исклучително важен, особено во земји како Германија, чија тешка индустрија во голема мера зависи од него.
– Веќе значително намалениот проток на гас преку многу важниот гасовод „Северен тек 1“ меѓу Русија и Германија ќе флуктуира помеѓу нула и 20 отсто капацитет во наредните месеци, што, пак, ќе предизвика рецесија во Европа во текот на зимата 2022/2023 година – предвидува Мет Оксенфорд од „Економист интелиџенс јунит“.
Како резултат на таквиот развој на настаните се активира планот што е пропишан доколку дојде до недостиг од одредени енергенти – надлежните за почеток ќе го прекинат снабдувањето на некои компании. Во Франција и во Германија, владите деновиве интензивно ги разгледуваат плановите и распоредите која компанија треба да биде жртвувана како прва.
Операција „Термостат“
Дека работите се далеку од нормалата, сведочи и фактот дека во Брисел официјално е побарано од 27 земји-членки на Европската Унија да ја намалат потрошувачката на гас за 15 проценти.
Некои држави дури и не чекаа на општиот апел од Брисел, туку и самите преземаа решителни чекори. Така, Италија уште пролетоска ја започна операцијата „Термостат“, со цел да се намалат греењето и климатизацијата во училиштата и органите на јавната администрација. Оваа иницијатива ја прифатија и ја презедоа Шпанија и Германија.
Во Германија е започната кампања што поттикнува намалување на користењето на климатизацијата, давање предност на јавниот превоз или туширање со помалку вода. Многу градови ја намалија температурата во базените и заштедуваат на јавното осветлување.
– Заштедувам енергија. Ја загревам само просторијата во која престојувам, другите ги одржувам само за да не замрзнат – објаснува Анет Капаон, 70-годишна пензионерка од Берлин.
Франција ја замрзна цената на гасот за домаќинствата, но во Германија сметките за домаќинствата ќе се зголемуваат за неколку стотици евра годишно.
Многумина се распрашуваат за инсталација на соларни панели, а многумина му се враќаат на стариот добар јаглен, па сега и него го нема во доволни количества.
Франција воведува акција против расипништвото, повикува на штедење, а еден од првите чекори е што од продавниците што користат климатизери беше побарано да ги држат вратите затворени.
Во меѓувреме, се прават напори да се најдат алтернативни извори на енергија како што се течен природен гас (ЛНГ) и јаглен, кои, сепак, силно ја загадуваат животната средина. Така, Франција привремено се откажа од затворањето на термоцентралата на јаглен и планира нов терминал за ЛНГ, што е критикувано од еколошки активисти. Терминалот во Ле Авр во Горна Нормандија треба да биде оперативен од септември 2023 година.
Подготвил: Mарјан Велевски