Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека денеска во северниот дел на Појасот Газа е отворен шестчасовен коридор за евакуација на цивилите долж улицата Салах ел Дин кон југ од енклавата.
Коридорот ќе биде отворен до 16 часот по локално време, јавува Си-ен-ен.
„Северниот дел од Појасот Газа се смета за жестоко бојно поле и истекува времето за евакуација. Придружете им се на стотиците илјади лица кои ги послушаа повиците и во последните денови се преселија на југ“, напиша портпаролот на ИДФ, Авичај Адрае, на социјалната мрежа Х.
Портпаролот на американскиот Совет за национална безбедност Џон Кирби вчера најави дека Израел ќе спроведува дневни четиричасовни паузи во борбите во одредени области на северниот дел на Појасот Газа.
Кирби додаде дека најавите за паузи ќе бидат објавени три часа пред почетокот, и дека од клучно значење е хуманитарните залихи и помошта да се прошират и на областите каде што луѓето бегаат.