Силни партиски поделби му претходеа на затворањето на владата

Ризик од долгорочен институционален ќор-сокак во САД

  • Познавачите на состојбите предупредуваат дека 15-то затворање на владата од 1981 година ќе го спречи објавувањето на внимателно следениот септемвриски извештај за вработување, ќе го забави воздушниот сообраќај, ќе ги суспендира научните истражувања, ќе доведе до прекин на исплатата на платите на американските трупи и до отпуштање на 750.000 федерални работници, со дневен трошок од 400 милиони долари…

Длабоките партиски поделби што ги спречија Конгресот и Белата куќа да постигнат договор за финансирање вчера доведоа до прекин на голем дел од активностите на владата на САД, што би можело да резултира со долгорочен исцрпувачки институционален ќор-сокак и загуба на илјадници работни места на федерално ниво, пренесуваат светските медиуми.
Познавачите на состојбите предупредуваат дека 15-то затворање на владата од 1981 година ќе го спречи објавувањето на внимателно следениот септемвриски извештај за вработување, ќе го забави воздушниот сообраќај, ќе ги суспендира научните истражувања, ќе доведе до прекин на исплатата на платите на американските трупи и до отпуштање на 750.000 федерални работници, со дневен трошок од 400 милиони долари. Златото достигна рекордно високо ниво, акциите на светските берзи се разнишаа, а доларот се движеше блиску до еднонеделното најниско ниво во споредба со главните валутни конкуренти.

Затворањето го поттикна отфрлената „краткорочна мерка за трошење“

Американскиот претседател Доналд Трамп, чија кампања за радикално преобликување на федералната влада е во полн замав, ги предупреди демократите во Конгресот дека затворањето на владата би можело да го отвори патот за „неповратни“ акции, вклучувајќи и намалување на повеќе работни места и програми.
Затворањето започна неколку часа откако Сенатот ја отфрли краткорочната мерка за трошење што ќе ги одржуваше владините операции до 21 ноември. Демократите се спротивставија на законодавството поради одбивањето на републиканците да додадат продолжување на здравствените бенефиции за милиони Американци што треба да истечат на крајот од годинава. Републиканците велат дека прашањето мора да се разгледа одделно.
Во прашање се 1,7 трилион долари за агенциски операции, што претставува приближно една четвртина од вкупниот буџет на владата од седум трилиони долари. Голем дел од остатокот оди за здравствени и пензиски програми и камати за растечкиот долг од 37,5 трилиони долари.
Независните аналитичари предупредуваат дека затворањето може да трае подолго од затворањата поврзани со буџетот во минатото, при што Трамп и претставниците на Белата куќа се заканија дека ќе ги казнат демократите со кратења на владините програми и федералните плати. Буџетскиот директор од администрацијата на Трамп, Расел Воут, предупреди за ризикот од трајни отпуштања во случај на владино затворање.

Либералните демократи изјавуваат дека грчевито ќе даваат отпор, без оглед
на последиците

Демократите се под притисок од нивните фрустрирани поддржувачи. Тие сакаат победа на среднорочните избори в година, кои ќе ја одредат контролата врз Конгресот во последните две години од мандатот на Трамп. Прашањето за здравствената заштита, според нив, им дава шанса да се обединат зад тема што „поминува“ кај гласачите.
Демократските лидери од целиот политички спектар ги игнорираат ризиците и ја прифаќаат блокада на владата.
За демократите, блокадата означува „црвена линија“ од која нема да отстапат, по повеќемесечната интерна фрустрација од нивната неспособност да го спречат лидерството на Трамп. Тие ќе продолжат со своите методи, без оглед на практичните или политичките последици.
Заедно со продолжените субвенции за здравството, демократите исто така се обидоа да се осигурат дека Трамп нема да може да ги поништи тие промени ако бидат потпишани како закон.


Политичко насилство на (нео)либералите

Професорот на Универзитетот во Чикаго, Роберт Пејп, рече дека невообичаено поларизираната политичка клима во САД по атентатот на конзервативниот активист Чарли Кирк и зголемената моќ на екстремистите би можеле да го отежнат патот за договор за повторно отворање на владата.
– Правилата на политиката радикално се менуваат и не можеме со сигурност да знаеме како ќе заврши сето ова – рече професорот по политички науки на Универзитетот во Чикаго, Роберт Пејп, специјализиран за тематиката на политичко насилство.
Тој ги посочи и убедувањата на партиските поддржувачи како дополнителна пречка за постигнување договор.
– Секоја страна би морала да се повлече во однос на убедувањата на десетици милиони навистина агресивни поддржувачи, свои избирачи, што ќе им биде навистина тешко да го сторат – посочува професорот. Р.С.


Не е првпат актуелниот американски претседател да биде опструиран на ваков начин

Рекордно долго затворање на владата забележано во првиот мандат на Трамп

Најдолгото затворање на владата во историјата на САД траеше 35 дена во текот на декември 2018 и јануари 2019 година, за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, во спор околу безбедноста на границите на САД. Републиканците на Трамп имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, но законските правила бараат 60 од 100-те сенатори да се согласат за законодавството за трошење. Тоа значи дека се потребни најмалку седум демократи за да се донесе законот за финансирање околу кој избија големи партиски поделби. Р.С.