Последното гласање во Генералното собрание на ОН покажа генерална разединетост на нациите
Гласањето во Генералното собрание на Обединетите нации за резолуцијата составена од арапските земји со која се повикува на итен прекин на огнот во Појасот Газа, а во која не се споменува Хамас, предизвика поделени реакции во земјите од Европската Унија. Резолуцијата на Генералното собрание не е обврзувачка, ама има политичка тежина.
По четири неуспешни состаноци на Советот за безбедност (СБ), за две
недели
Генералното собрание гласаше по четири неуспешни состаноци на Советот за безбедност за две недели. За да се прифати резолуцијата се потребни две третини од гласовите, а воздржаните не се бројат. Норвешка и Франција гласаа за, додека Британија, Германија и Италија беа воздржани, што ја покажува поделеноста во Европа.
Покрај споменатите шест земји, против гласаа и Фиџи, Гватемала, Маршалските Острови, Микронезија, Науру, Папуа Нова Гвинеја, Парагвај и Тонга.
Четири членки на ЕУ, меѓу кои и Хрватска, гласаа против сегашниот прекин на огнот од хуманитарни причини во војната меѓу Израел и Хамас, а 15 земји членки на Унијата решија да се воздржат од гласање. Чешката министерка за надворешни работи Јана Чернохова отиде најдалеку во поддршката на Израел, дури и повика на излегување на Чешка од Обединетите нации, вознемирена од недостигот од осуда на Хамас и неговото крвопролевање во Израел, објаснувајќи ја на тој начин чешката одлука да гласа против. За Чернохова тоа е поддршка на терористичка организација.
Одлуката за воздржаност на Германија била координирана меѓу Министерството за надворешни работи, предводено од зелените, и Социјалдемократската партија, но отпор дал третиот партнер од коалицијата, либералната партија ФДП, објави весникот „Тагесшпигел“, повикувајќи се на владини извори. Разочарување од гласањето изразија конзервативните партии ЦДУ и ЦСУ и амбасадорот на Израел во Германија, Рон Просор, кој ја критикуваше германската влада, коментирајќи дека воздржаноста не е доволна.
– Позицијата на Обединетото Кралство е срамно абдицирање на моралната одговорност. Не гледам како смртта на уште деца и луѓе ќе помогне за безбедноста на која било нација, вклучувајќи го и Израел, а камоли да донесе мир – коментираше Хумза Јусаф, прв министер на Шкотска и лидер на Шкотската национална партија (СНП).
На меѓународната заедница ѝ треба силна заедничка меѓународна институција што доследно ќе се грижи за меѓународното право
Италијанската премиерка Џорџа Мелони ја бранеше одлуката на нејзината влада, нагласувајќи дека таа е во согласност со ставот на многу други европски земји и членки на Г7. Сепак, левоориентираните пратеници ја нарекоа одлуката „голема грешка“.
– Мислам дека тоа беше грешка. Добро е што Франција, Шпанија и Португалија гласаа за резолуцијата. Масакрот на цивили треба да се запре – искоментира секретарот на Демократската партија Ели Шлајн.
Лидерот на грчката левичарска партија СИРИЗА рече дека тоа е „ден на срамот за грчката дипломатија, Грците и нивната историја“. Стефанос Каселакис, лидер на опозициската партија Левица, предупреди дека Атина не смее да падне во стапицата на еднодимензионална сојузничка надворешна политика, која е опасна од безбедносен аспект.
– Бидејќи беше побаран прекин на огнот, тоа значи дека Израел нема право да се брани – рече холандскиот премиер Марк Руте за одлуката на Холандија да покаже воздржаност.
Социјалистичкиот пратеник Јаспер ван Дијк на социјалната мрежа Х напиша дека „ова е најлошиот напад на Газа досега, но Холандија молчи во ОН. Срамота!“. Холандските партии Д66 и СП повикаа на итна расправа во парламентот за Газа..
Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен рече дека Хелсинки би гласал за доколку имало јасна осуда на терористичката група Хамас како извршител.
Резолуцијата беше изгласана со 120 гласа за, 45 воздржани и 14 против, меѓу кои беа Израел и САД. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок од зелените рече дека „интензивно работеле на балансот на текстот на резолуцијата“.
– Сите знаеме дека единственото решение за две држави со преговори дава можност Палестинците и Израелците да живеат во мир, безбедност и достоинство. За да го добиеме тоа, ни требаат меѓународната заедница и Обединетите нации – рече Бербок.