Фото: Илустрација/Принтскрин - Јутуб

Јеменските Хути грабнале товарен брод во јужниот дел на Црвеното Море додека пловел од Турција кон Индија, а според првичните информации, во екипажот има членови од Балканот.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави соопштение како одговор на грабнувањето на британскиот брод управуван од јапонска компанија во Црвеното Море, обвинувајќи го Иран за инцидентот, пишува „Тајмс оф Израел“.

Во соопштението се наведува дека на бродот имало 25 членови на екипажот од Украина, Бугарија, Филипините и Мексико, но немало Израелци.

– Ова е уште еден чин на ирански тероризам кој изразува чекор напред во иранската агресија против граѓаните на слободниот свет и создава меѓународни импликации кога станува збор за безбедноста на глобалните бродски рути – се додава во соопштението.

Се вели дека бродот отпловил од Турција до Индија со меѓународен цивилен екипаж.

Портпаролот на јеменските Хути, Јахја Саре, денеска изјави дека оваа милитантна организација ќе ги гаѓа сите бродови во сопственост на израелските компании или што носат израелско знаме.

Портпаролот на Хутите на каналот Телеграм ги повика сите земји да ги повлечат своите граѓани кои работат како екипаж на израелските бродови, пренесоа британските медиуми.

Хутите претходно соопштија дека истрелале серија балистички ракети на различни воени цели во Израел, вклучувајќи го и градот Еилат.