Фото: Принт-скрин

САД првпат од почетокот на руската инвазија врз Украина на Киев ќе му испорачаат пософистицирано и потешко вооружување на Киев, потег што некои од претставниците н администрацијата на Џо Бајден претходно го сметаа за преголем ризик што би можел да доведе до ескалација на судирите, пренесува „Си-ен-ен“.

Списокот со помошта во вредност од 800 милиони долари што САД ќе ја испорачаат за Украина не е составен само според барањата на Киев, туку и во рамки на подготовките за поинаков начин на војување во пространите рамници на источна Украина, терен што дава воена предност на руските оружени сили, објави „Си-ен-ен“.

Администрацијата на Бајден соопшти дека новиот пакет оружје за Украина вклучува 11 хеликоптери „Ми-17“, 18 хаубици од 155 милиметри, 300 дронови „Свичблејд“, познати и како камикаѕе-дронови, и радарски системи оспособени да лоцираат позиции од каде доаѓаат нападите.

– Тоа претставува пософистицирано и потешко вооружување од претходните испораки – пренесува „Си-ен-ен“.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски изрази благодарност до САД за новиот пакет воена помош во вредност од 800 милиони долари.

Во синоќешното обраќање, тој се заблагодари и за посетите на претседателите на Полска, Естонија, Литванија и на Летонија.

– Лидери што нѝ помагаат од првиот ден, тие кои не се двоумеа да дадат оружје, тие кои не се сомневаа во одлуката дали да воведат санкции (против Русија) – истакна украинскиот претседател.

Во неговиот телефонски разговор со американскиот претседател, Џозеф Бајден, се зборувало за нова испорака на оружје, уште поостри санкции против Русија, како и за напорите да се изведат пред правдата руските војници кои ги извршиле воените злосторства во Украина.

Зеленски информираше и за продолжување со чистењето на десетици илјади неексплодирани гранати, мини и кабли, поставени од Русите, при нивното повлекување од северниот дел на Украина.