Хантер Бајден, син на американскиот претседател Џозеф Бајден, денеска поднесе тужба против поранешниот адвокат на Доналд Трамп, Руди Џулијани и друг адвокат за компјутерска измама и пристап до податоци поврзани со лаптоп за кој тврди дека го оставил за поправка во сервис во Делавер.
– Обвинетите се првенствено одговорни за „тотално уништување“ на дигиталната приватност на жртвата – се вели во тужбата на Бајден пред федералниот суд во Лос Анџелес.
Синот на Џозеф Бајден веќе неколку години е цел на напади на Џулијани, поранешниот претседател Доналд Трамп, републиканските членови на Конгресот и конзервативните медиуми поради податоците од тој компјутер, јавија американските медиуми. Џулијани доставил информации од лаптопот на Бајден до „Њујорк пост“ во октомври 2020 година, еден месец пред претседателските избори. Хантер Бајден го обвини и Роберт Костело, адвокат и поранешен федерален обвинител кој претходно го застапуваше Џулијани.
Во тужбата се наведува дека податоците на Бајден биле „манипулирани, изменети и корумпирани“ пред да бидат копирани и испратени до Џулијани и Костело. Хантер Бајден овој месец беше обвинет пред федералниот суд во Делавер за неколку кривични дела.
Тој претходно беше обвинет за неплаќање федерални даноци на доход во 2017 и 2018 година. Минатата недела Хантер Бајден ја тужеше Даночната управа за како што тврди, „незаконско откривање доверливи информации за неговата даночна пријава“.
Тврдењата дека претседателот Бајден бил вмешан во наводните корупциски скандали на неговиот син, делумно засновани на информации за лаптопот, се во фокусот на истрагата за импичмент на Демократскиот претседател на Комитетот на Претставничкиот дом, контролиран од републиканците.