Фото: Пиксабеј

Американските групи за правата на имигрантите денеска соопштија дека поднеле тужба против администрацијата на претседателот Доналд Трамп поради одлуката за суспендирање на можноста мигрантите на границата со Мексико да бараат азил во САД.

Групите предводени од Американската унија за граѓански слободи (АЦЛУ), истакнаа дека таквата политика е илегална и ги доведува луѓето, кои бегаат од прогон, во опасност.

– Владата го прави токму она што Конгресот го одреди со статут, САД да не смеат да го прават. Тоа ги враќа барателите на азил, не само самци, туку и семејства, во земјите каде што се соочуваат со прогон или тортура, без да им дозволи да се повикаат на заштитата што им ја дава Конгресот – се наведува во тужбата.

Во тужбата, групите тврдат дека имиграцијата не претставува инвазија, тврдејќи оти бројот на луѓе кои илегално влегуваат во земјата е намален на нивото од август 2020 година.

Во извршната наредба на Трамп се истакнува дека ситуацијата на јужната граница претставува инвазија врз САД и дека „го суспендира физичкиот влез“ на мигрантите, а со тоа ја суспендира можноста на мигрантите да бараат азил. Трамп изјави дека Законот за имиграција и националност им дава на претседателите овластување да го суспендираат влезот на која било група за која сметаат дека е „штетна за интересите на САД“.

Тој, исто така, ги укина програмите за азил што ги почна поранешниот американски претседател Џо Бајден, според кои мигрантите кои влегоа во САД од граничните премини, исто така, можеа да поднесат барање за азил. Во исто време, беше укината и програмата со која на 1.450 луѓе дневно им беше дозволено да закажат состанок со американските власти на официјалниот граничен премин со Мексико за да побараат заштита во САД.