Фото: МААЕ

Тим инспектори од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се врати во Иран за првпат по израелските и американските напади врз иранските нуклеарни објекти за време на 12-дневниот конфликт во јуни, објави шефот на МААЕ, Рафаел Гроси.

Гроси рече дека инспекторите, по период на прекин на соработката поради војната, повторно влегле во Иран и се подготвуваат да ги продолжат своите активности, објави „Тајмс оф Израел“.

Иран претходно ја прекина соработката со МААЕ откако агенцијата не ги осуди нападите врз нуклеарните објекти на Иран, предизвикувајќи тензии меѓу Техеран и ОН.

-Сега првиот тим инспектори на МААЕ е назад во Иран и се подготвуваме да започнеме одново. Иран има многу објекти, некои нападнати, некои не, и разговараме за практични модалитети за повторно започнување на нашата работа- изјави Гроси за „Фокс њуз“.

Оваа обновена соработка доаѓа во време кога Иран се обидува да избегне повторно воведување на санкциите што европските земји – Велика Британија, Франција и Германија – се заканија дека ќе ги воведат според нуклеарниот договор од 2015 година.

Израел летово започна напади врз иранските нуклеарни постројки и лидери, обвинувајќи го Иран дека се обидува да развие нуклеарно оружје.