Четириесет и пет новинари и медиумски работници беа убиени во 2021 година, една третина помалку од претходната година, но загубата е особено висока во Азија, соопшти Меѓународната федерација на новинарите (ИФЈ).
– Бројот 45 е меѓу најниските откако ИФЈ почна да објавува годишни извештаи за новинари убиени во текот на нивната професија и вклучува насочени убиства, смртни случаи од вкрстен оган и бомбашки напади – се вели во соопштението.
Организацијата, која има 600.000 члена во 140 земји, од 1991 година изброила 2.721 убиен новинар во светот.
– Опасностите поврзани со вооружениот конфликт се намалија во последните години бидејќи пристапот до медиумските работници е сè поограничен и тие се сè помалку присутни во конфликтните зони.
Истовремено, заканите поврзани со активностите на криминалните групи и наркокартелите продолжуваат да растат, од мексиканските сиромашни квартови до европските градови во Грција и Холандија, а има и голем број насочени убиства – соопшти организацијата.
Гледано по региони, на прво место според бројот на убиени медиумски работници, 20 од нив се во Азија и Пацификот, потоа Америка со 10, Африка со 8, Европа со 6 и Блискиот Исток и арапскиот свет со еден убиен новинар.
Во тој број на загинати од 45 новинари треба да се вклучи и смртта на двајца новинари во Иран.
Падот на бројот на убиства на новинари во 2021 година „е добра вест, но е мала утеха за насилството што ги однесе животите на 9 новинари во Авганистан, 8 во Мексико, 4 во Индија и 3 во Пакистан“, соопшти ИФЈ.
– Новинарите и медиумските работници најчесто се убиени затоа што разоткриле корупција, криминал и злоупотреба на власта во заедниците, градовите и земјите во кои работат – пишува ИФЈ.
Организацијата повикува на усвојување „нова конвенција на Обединетите нации за заштита на новинарите“.