Фото: Твитер/Министерство за одбрана на Украина

Ослободувањето на група села под руска контрола во изминатите недели „не е главниот настан“ во планираната контраофанзива на Киев, изјави за „Фајненшл тајмс“ (ФТ) Олексеј Резников, министер за одбрана на Украина.

– Кога ќе се случи, сите ќе видат… Сите ќе видат сѐ – рече тој за ФТ во интервјуто објавено денеска, отфрлајќи ги медиумските извештаи за бавниот напредок на Украина против добро зајакнатите руски позиции.

– Главните резерви на украинските војници, вклучително и повеќето бригади неодамна обучени на Запад и опремени со современи тенкови и оклопни возила на НАТО, допрва треба да се користат во операцијата – рече Резников.

Украинската армија кон крајот на минатата недела објави дека ослободила вкупно 130 квадратни километри територија окупирана од Русија во јужна Украина, откако започна контраофанзива пред околу три недели и објави мали успеси на источниот фронт.


Три деца меѓу загинатите во Краматорск

Бројот на загинати во руски напад врз ресторан во градот Краматорск во источна Украина е најмалку осум, а 56 се повредени, според новите информации од службите за итни случаи.

Меѓу загинатите има три деца, соопшти украинската служба за итни случаи.

– Спасувачите ги пребаруваат остатоците од зградата и бараат луѓе кои можеби се наоѓаат под урнатините – се додава во соопштението.

Краматорск е голем град западно од линијата на фронтот во Донецката област и најверојатно ќе биде клучна цел на можното руско напредување кон запад за да ја заземе целата област. Честопати беше цел на руски напади, вклучително и напад врз железничката станица во април 2022 година, во кој загинаа 63 лица.