Фото: Официјален фејсбук-профил

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека главната точка на спор во преговорите за ставање крај на конфликтот во Украина е дел од територијата на т.н. Доњецка Народна Република (ДНР), односно околу 20 отсто од Доњецката област кои се под контрола на Киев.

Во интервју за Фокс Њуз, Рубио рече дека преговорите во моментов се фокусираат на областа широка 30 до 50 километри, оценувајќи дека е постигнат извесен напредок во проценката на она што Украина би можела да го прифати како гаранција за безбедност во иднина.

Рубио наведе дека конфликтот е тежок за решавање и покрај очекувањата дека тоа би можело да биде „најлесниот мировен договор“. Според него, никој всушност не ја добива таа војна во традиционална смисла на победа.

– Русите – 7.000 руски војници умираат неделно. Во ред, 7.000 е повеќе отколку што изгубивме во некои војни што ги водевме во целина. Губат 7.000 војници неделно само на руската страна, а да не ги спомнуваме уништувањата на украинската страна, рече тој.

Тој истакна дека целта на преговорите е спречување на идни напади врз Украина, обнова на нејзината економија и долгорочно зачувување на суверенитетот.

– Теоретски, правејќи ги вистинските работи, за 10 години БДП на Украина би можел да биде поголем од рускиот, рече Рубио.

Тој нагласи дека САД можат да разговараат со двете страни, додавајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп посветил значително време на обидите да се „премости јазот меѓу Москва и Киев“.

– Ангажирани сме бидејќи ние сме единствените кои можат да го направат тоа. Европските земји – нема никој друг во светот што може да го направи тоа. Кинезите не можат. Единствениот лидер во светот кој може да разговара со двете страни и да постигне договор, ако е договор можен, е претседателот Трамп. И тој беше многу трпелив – истакна американскиот државен секретар.

Рубио оцени дека не е реално војната да трае со години, како и да продолжи неограниченото финансирање на Украина.

– Тоа не е реално. Тоа не е стварност. И тоа нема да се случи. Тоа го зборуваме долго време: Не можете да ги одржите размерите и обемот на тоа. Исто така, не мислам дека е реално Русија да ја продолжи оваа војна четири или пет години – оцени тој.

Говорејќи за ситуацијата на терен, тој потсети дека Русија претходно контролирала поголема територија, но дека украинските сили ја потиснале. Меѓутоа, оцени дека конфликтот прераснал во војна на исцрпување, со руска подготвеност за големи загуби.

– Украинците ги потиснаа Русите далеку зад местата каде што беа. Значи, тие веќе постигнаа огромни работи благодарение на нивната храброст, одважност и тоа колку се бореа. Но, постои и реалност дека ова сега стана војна на исцрпување, и за жал, Русите покажаа подготвеност да жртвуваат 7.000 војници неделно – рече Рубио.

Рубио наведе дека конечната одлука за ставање крај на војната на руската страна може да ја донесе само претседателот Владимир Путин. Според него, преговорите се водат веќе десет месеци, постигнат е извесен напредок, но двете страни сè уште не се доволно блиску до договор.

– Ќе се обидеме да ги собереме двете страни и да видиме кои предлози би можеле да ги смислиме, а со кои двете страни би можеле да живеат. Ќе направиме сè што можеме тоа да функционира. Тоа го правиме веќе 10 месеци. Тоа беше нашата цел и нашата намера цело време. Мислам дека постигнавме извесен напредок – заклучи Рубио.