Германската влада размислува да испрати повеќе оружје во Украина, но не сака да ја загрози одбранбената моќ на самата Германија, јави ДПА.
– Испитуваме сè што е можно. Но, мора да биде јасно дека не смееме да ја ослабиме нашата армија – изјави германската министерка за одбрана Кристине Ламбрехт.
– Нашата задача е да ја гарантираме одбраната на земјата и на Алијансата – изјави Лабмрехт денеска за јавната телевизија ЗДФ.
Министерката нагласи дека планираниот специјален фонд од 100 милијарди евра за Бундесверот не значи дополнително вооружување, туку опремување на армијата.
Таа објасни дека станува збор за модерни радио уреди, панцири, но и замена за авионите Торнадо, како и за хеликоптери и тенкови.
– Со овие 100 милијарди евра можни се набавките на кои се обврза Германија – рече министерката Ламбрехт.
– Значи, не станува збор за тоа што музички желби ќе почнат да пристигнуваат. Секако дека не. Станува збор дека сега можеме да го набавиме тоа што навистина ни е потребно – рече германската министерка за одбрана.
Таа најави и големи промени во системот за набавки на армијата, што се смета за причина за доцнењето и поскапувањето на воените проекти.
Како што додаде, објавувањето на тендерите не смее да се развлекува по 10 или 15 години.
– Тоа мора да оди побрзо и многу поефикасно. И така ќе биде – заклучи Ламбрехт.