Анализата потпишана од Хишам Мелхем, дописник од Вашингтон на париското радио Монте Карло, започнува со потсетување дека повеќе од половина век, а особено по иранската револуција во 1979 година, при креирањето на политичките, енергетските и геостратегиските цели на Блискиот Исток, Соединетите Американски Држави се потпирале на сложена мрежа на односите што ги развиле со текот на времето со гореспоменатите четири блискоисточни сили
Анализа на „Форин полиси“: Историските фактори што некогаш ги јакнеа врските на Саудиска Арабија, Израел, Турција и Египет со САД – исчезнаа
(Извадоци од поголема анализа објавена од угледниот магазин „Форин полиси“)
Во анализата објавена од угледниот магазин „Форин полиси“ се наведува дека „советската закана за земјите од Заливот исчезна одамна, а во меѓувреме САД станаа најголемиот производител на нафта во светот. Последните мировни преговори меѓу Палестинците и Израелците под покровителство на САД пропаднаа пред речиси десет години, решението за две држави е одамна мртво, а Израел веќе некое време го водат екстремисти, кои сакаат да ја заземат целата палестинска територија во својата месијанска мисија“. Понатаму, „лидерите на Саудиска Арабија, Израел, Турција и Египет одат по своите сопствени патишта додека флагрантно ги игнорираат основните интереси на Вашингтон. Тие веруваат дека поблиските политички, економски и воени односи со Русија, Кина, Индија, како и едни со други – отворени или прикриени – можат да им обезбедат соодветна алтернатива на САД“.
– Зборувајќи сосема искрено, четирите столба на поддршка на Америка на Блискиот Исток сега се премногу кревки за Вашингтон да продолжи да се потпира на нив – пишува Мелхем.
Пропуштени синтези и заклучоци од квалитетни анализи
Дописникот од Вашингтон на париското радио Монте Карло, Хишам Мелхем, ги смета за неуспешни сите анализи во кои разговорите меѓу Турците, Израелците и Арапите беа прогласени за почеток на нова ера на Блискиот Исток.
„Сето ова треба да се земе со голема претпазливост. Луѓето што денес пеат за доблестите на помирувањето се истите оние што го опустошија Јемен, дивееја во Сирија и Либија, го нападнаа сирискиот деспот Башар ал-Асад по народниот бунт, само подоцна да го слават, иако извршил воени злосторства и ја претворил нивната земја во наркодржава. Во реалноста, Саудиска Арабија, Израел, Турција и Египет спроведуваат различни форми на сопствени агресивни национализми. Израел веќе ги нормализира верскиот шовинизам и ексклузивизам, а некои од неговите водачи редовно го поттикнуваат тероризмот и повикуваат на етничко чистење на Палестинците од Западниот Брег.
Во Саудиска Арабија, престолонаследникот Мохамед бин Салман негува нова култура на хипернационализам во обид да го намали влијанието на религиозниот естаблишмент и насилно да изгради саудиски национален идентитет центриран околу неговата авторитарна личност. Во Турција, претседателот Реџеп Таип Ердоган е познат по инаугурацијата на турски национализам проткаен со религиозни призвук и помешан со отоманска „преродба“, која често го заплашува и го лути Западот.
Меѓутоа, во Египет, долгото владеење на претседателот Абдел Фатах ал-Сиси беше најавтократското и најкатастрофално во современата египетска историја. Згора на тоа, овие земји во голема мера ја прекинаа соработката со САД за некои од приоритетните прашања. Сиси планираше да ѝ испорачува ракети и артилериски ракети на Русија за нејзината војна во Украина сѐ додека не беше „хакиран“ од американските разузнавачки агенции. Ердоган едвај успеа да се извлече од големата криза што настана бидејќи една година се противеше на приемот на Шведска во НАТО, но затоа продолжуваат неговите уцени на Европа со закани за започнување нови бегалски бранови. И претходното купување на рускиот противракетен одбранбен систем „С-400“ од страна на Ердоган требаше да резултира со посилна казна отколку таа што ја доби.
Земјите од Далечниот Исток доаѓаат на Блискиот Исток
Историските фактори што некогаш ги зацврстуваа врските со САД исто така исчезнаа. Советскиот Сојуз, кој претставуваше закана за земјите од регионот, повеќе не постои. Иронично, рускиот претседател Владимир Путин денес има потопли односи со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Мохамед бин Салман и Ердоган отколку тие споменати лидери од Блискиот Исток со претседателот на САД, Бајден. Улогата на нафтата во овие односи исто така драстично се промени. Нафтата ги поттикна односите на САД со Саудиска Арабија уште од Втората светска војна, при што САД и нивните сојузници во Европа и Азија се потпираат на нафтата и гасот од Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот Залив во замена за американски воени гаранции и безбедност за тие трансакции. Но, САД повеќе не се единствената светска сила со огромни економски интереси во Заливот.
Азиските сили како Кина и Индија веќе имаат воспоставено сложени економски и трговски односи со земјите од Персискиот Залив. И сосема е природно што поголемата економска активност ќе донесе со себе поголемо политичко и воено влијание на азиските сили…
Хипервентилацијата во некои кругови во Вашингтон поради (ограничената) улога на Кина во повторното воспоставување на дипломатските односи меѓу Саудиска Арабија и Иран е неоправдана и претерана реакција, пишува авторот и тврди дека „во скора иднина, ниту една земја нема да може сериозно да ја поткопа стратегиската и економската предност на Америка во Заливот“.
– САД треба јасно да им кажат на арапските држави во Заливот дека нивното кокетирање со Кина ќе има последици на штета на САД – вели тој.
„Опсесијата на администрацијата на Бајден со посредување во договорот меѓу Саудиска Арабија и Израел за формализирање на нивната веќе де факто постојна соработка е сизифовска задача, која и онака не може да им користи на САД на долг рок. Резултатот ќе биде зајакнување на авторитарното владеење на Мохамед бин Салман и да го охрабри Нетанјаху во неговото зацврстување на фундаменталистички Израел. И таков договор, без оглед на какви било гаранции дадени на Палестинците, веројатно нема да ја промени нивната основна реалност – окупација и негирање на основните права. Понатаму, Саудиска Арабија, со оглед на карактерот и агресивната историја на Мохамед бин Салман, не е партнер вреден за цената. Принцот престолонаследник ги искористува претераните стравови на Вашингтон од Кина за да извлече отстапки за кои САД ќе зажалат. Саудиско-израелскиот мировен договор, доколку се оствари, во најдобар случај ќе биде договор меѓу постојните елити на двете земји и ќе го забрза регионалното движење кон поголема автократија и авторитарност.
Арапска дефиниција за сојузник: Сакаме да биде како ветрот, да го почувствуваме, но да не го видиме
Повторната процена на односите на САД со Саудиска Арабија, Израел, Турција и Египет треба да се случи во контекст на намалување на нивното воено присуство во регионот. Американските трупи се распоредени насекаде: од Турција и Сирија до Јордан, Ирак, Кувајт, Саудиска Арабија, Бахреин, Катар, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Оман. Дали навистина се потребни големи американски воздушни бази во Кувајт, Катар и ОАЕ? САД би можеле да ги бранат своите интереси во Заливот (само) со одржување клучна поморска база во Бахреин, дом на нивната Петта флота.
„Еден мудар арапски водач еднаш му рекол на американски дипломат: Сакаме да бидеш како ветрот, сакаме да те почувствуваме, но да не те видиме. Тоа е добар совет, кој би важел и денес… Во време кога американскиот демократски систем на управување, неговото либерално и отворено општество е под закана, сосема е лудо да се продолжи со поддршка и продлабочување на врските со режимите на Блискиот Исток чии политики е невозможно да се одбранат“, се наведува во анализата што авторот ја заклучува со кристално јасна порака: „Саудиска Арабија, Израел, Турција и Египет можеби некогаш биле американски сојузници во регионот, но овие земји повеќе не заслужуваат таков статус“.
Подготвил: Митко Јовановски