Фото: Принтскрин / Твитер / Јоав Галант

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант синоќа изјави дека неговата земја нема интерес да води војна на нејзината северна граница и дека доколку либанската група Хезболах се воздржи, Израел ќе го задржи „статус кво“ долж границата.

– Немаме интерес за војна на север. Не сакаме ескалација на ситуацијата. Ако Хезболах го избере патот на војната ќе плати многу висока цена. Но, ако покаже воздржаност, ќе го земеме тоа предвид и ќе ја задржиме ситуацијата како што е – посочи Галант.

Престрелките долж границата меѓу Израел и Либан во текот на изминатата недела ги зголемија стравувањата дека борбите со Хамас во Појасот Газа би можеле да прераснат во поширок конфликт.

Вчера попладне сирените за воздушен напад се огласија во северен Израел, а жителите се упатија кон засолништата. Израелската војска соопшти дека пресретнала пет од девет ракети истрелани од Либан. Израелската армија возврати со артилериски напади врз областите од каде што беа истрелани ракетите.

Израел синоќа почна со нови напади врз цели на Хезболах, но не е јасно дали тие се одговор на новото гранатирање од Либан.