Европската Унија сака да биде партнер со САД за да се обезбеди праведен и траен мир за Украина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по нејзината денешна средба во Брисел со специјалниот американски пратеник за Украина и Русија, генералот Кит Келог.
– Финансиски и воено, Европа придонесува (за поддршка на Украина) повеќе од кого било друг. И ќе ја зајакнеме. Сега е критичниот момент – наведе Фон дер Лајен во објава на Икс.
Европската комисија соопшти дека на средбата со Келог, Фон дер Лајен ја нагласила клучната улога на ЕУ во обезбедувањето на финансиската стабилност и одбрана на Украина, со вкупна поддршка од 135 милијарди евра (околу 145 милијарди долари), што е повеќе од кој било друг сојузник. Во соопштението се додава дека ова вклучува и 52 милијарди долари воена помош, што е на ниво на американската поддршка за Украина.
– Претседателката фон дер Лајен истакна дека ЕУ целосно го покрива својот дел од воената помош за Украина и е подготвена да направи уште повеќе. Таа ги истакна плановите на Европа за зголемување на производството и трошоците за одбрана, зајакнувајќи ги европските и украинските воени капацитети – се наведува во соопштението.
Потврдувајќи ја посветеноста на ЕУ за праведен и траен мир во Украина, Фон дер Лајен повторила дека при тоа мора да се почитуваат украинските независност, суверенитет и територијален интегритет, поддржани со силни безбедносни гаранции.
– Таа, исто така, ја изрази подготвеноста на ЕУ да работи заедно со САД за да се стави крај на крвопролевањето и да помогне да се обезбеди праведен и траен мир, што Украина и нејзиниот народ со право го заслужуваат – се додава во соопштението на Европската комисија.
Келог вчера во Брисел се сретна и со еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус, како и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.