Одгласи по самитот во Мадрид на Патриотите за Европа – новата парламентарна група во Европскиот парламент
Од МАГА до МЕГА: Да ја направиме Европа повторно голема, напиша неодамна американскиот милијардер Илон Маск на социјалната мрежа Икс. Промовирањето на ваквите слогани на Маск ги вознемири политичките лидери во Брисел, па затоа минатиот месец Европската комисија (ЕК) ја продлабочи истрагата за неговата платформа Икс, која е осомничена за „ширење лажни информации и манипулирање со јавната дебата во Европа“.
Одгласите на пораките на суверенистите од самитот во Мадрид
Инспирирани од слоганот МЕГА, партиите од групата Патриоти за Европа во Европскиот парламент, кои пред некој ден се собраа во Мадрид (за што известивме вчера, преку нашиот дописник Тони Гламчевски), за да се заканат дека е почеток на крајот на доминацијата на најголемите групи во ЕП – Европската народна партија (ЕПП) и Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (S&D). Суверенистите од самитот во Мадрид силно почнаа да ги шират своите пораки низ Европа. Тие рекоа дека го гледаат Трамп како идеолошки сојузник и рекоа дека планираат да создадат стратегија за соработка со САД, но и со други поврзани лидери преку Атлантикот што имаат вредности слични на нивните (како на пример аргентинскиот претседател Хавиер Миела).
„Изборите минатиот јуни го покажаа ова: сега сме трета сила во Европскиот парламент“, напиша француската лидерка Ле Пен на Инстаграм.
„Направи ја Европа повторно голема“ не е новина во рамките на европската суверенистичка идеологија
Слоганот „Направи ја Европа повторно голема“ не е новина во рамките на европската десница – пред ПфЕ го користеа и нивните идеолошки роднини од групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), која е на четвртото место во ЕП. Тие го организираа самитот МЕГА 2025 во Брисел на крајот на јануари, што беше втора ваква конференција, по онаа што се одржа во Букурешт во 2024 година.
Според пишувањата и анализите на низа интелектуалци и претставници на граѓанското општество, публицисти и инфлуенсери блиски до суверенистичката и конзервативната линија, Европа е на пресвртница!
– Европа мора да ја избере страната на историјата на која ќе се позиционира – тврдат тие.
Споменатите групации се некои од најсилните гласови на антиглобализациското движење, кои испраќаат силни пораки – за одбрана на основните вредности, семејството и иднината, за одбрана на универзалните права и слободи, за одбрана на идентитетот и суверенитетот.
– Силната Европа треба да се состои од независни нации, а не од централизирана супердржава. Со реафирмирање на верата, семејството и националната сила, европските конзервативци можат да го вратат своето наследство и да се спротивстават на силите што се обидуваат да го поткопаат – вели Вил Донаху, претседател на Колеџот на републиканците на Америка. Тој додава дека Белата куќа на Трамп ќе ги поддржува овие вредности, но дека на народите во Европа е да преземат одговорност за суверенитет и самоопределување.
– Верувам дека администрацијата на Трамп ќе заземе прагматичен пристап кон Европската Унија, давајќи им приоритет на националниот суверенитет, фер трговијата и силните билатерални односи со земјите што ги почитуваат нивните сопствени традиции и интереси. Завршија деновите кога Америка слепо ги субвенционираше глобалистичките институции на сметка на сопствениот народ. Низ Европа гледаме растечко движење на патриотски лидери, кои го отфрлаат бирократското пречекорување од Брисел и се борат за своите нации – изјави за јавноста Вил Донаху, претседателот на Колеџот на републиканците на САД. Р.С.
„Њујорк тајмс“ ја критикува суверенистичката италијанска премиерка Мелони
Во врска со суверенистите, „Њујорк тајмс“ предупредува дека ако тие се обидат да ја играат улогата на „шепотот на Трамп“, нема да минат добро, при што медиумот дава и еден пример. Имено, за премиерката на Италија, Мелони, „Њујорк тајмс“ пишува дека би можела да се најде во сендвич меѓу непредвидливиот американски претседател и ЕУ доколку врската стане понепријатна отколку што е. Во тој конфликт би било тешко Мелони да застане на страната на Трамп, пишува американскиот весник, повикувајќи се на Жан-Пјер Дарнис, професор на Универзитетот на Азурниот Брег во Ница, кој ги проучува италијанските надворешни односи – затоа што Рим зависи од Унијата како нејзин најголем трговски партнер и извор на милијарди евра средства. Во тој контекст, треба да се има предвид дека Трамп се закани со казнени мерки против европските земји што не ги исполнуваат целите за трошење на НАТО. Со 1,5 отсто од БДП инвестирано во одбраната, Италија е далеку под целта од два отсто – и уште подалеку од петте отсто што сега ги бара Трамп. Р.С.