И на ЕУ ѝ треба независен етички орган, опремен со доволно ресурси и капацитети за истрага и за санкционирање на корупцијата

Неколку невладини организации, претставници на ЕУ и експерти јавно повикуваат на итна реакција, почнувајќи со дебата за тоа како да се подобрат одредени работи во европските институции, по откривањето во петокот на корупцискиот скандал во Европскиот парламент.

Инцидентот не бил изолиран случај, а корупцијата цвета во европските институции?!

Директорот на “Транспаренси интернешнл ЕУ“, Мишел ван Хултен, излезе во јавноста со тврдење дека откриениот корупциски мегаскандал во Европскиот парламент ниту е единствен ниту е изолиран случај на криминал во европските институции.
– И ако ова е можеби најеклатантен случај на наводна корупција што Европскиот парламент го видел во многу години, тоа не е изолиран инцидент – изјави директорот на „Транспаренси интернешнл ЕУ“, Мишел ван Хултен.
Тој објасни дека „во текот на многу децении, Парламентот дозволи да се развие култура на неказнивост, со комбинација на лабави финансиски правила и контроли и целосен недостиг од независен (или каков било) етички надзор“.
– Секој сериозен обид за подобрување на одговорноста е блокиран од претседавачкото тело на Парламентот, со поддршка на мнозинството европратеници – рече тој.
Директорот на „Транспаренси интернешнл ЕУ“, Мишел ван Хултен, го наведе како пример неодамнешниот заднински договор, со одобрување на претседавачкото тело на ЕП, во врска со назначување на новиот генерален секретар на ЕП. Ван Хултен повика на „коренита реформа“, додавајќи дека Европската комисија прво треба „да го објави својот долгоодложуван предлог за создавање независно тело за етика на ЕУ, со овластувања за спроведување истраги “.
Во својата изјава, германскиот европратеник Даниел Фројнд (Зелени ЕФА) потсети на зборовите на Каили во парламентарниот говор од ноември оваа година, во кој таа ја пофали улогата на Катар како „предводник во работничките права“. Тој понатаму објасни дека овој „инцидент“ покажа „колку агресивно третите земји се обидуваат да извршат влијание во ЕУ“, подвлекувајќи дека „третите земји досега беа целосно изземени од правилата за лобирање“.

Нерегулираните правила за лобирање генерираат корупциски поведенија

– Лобирањето од трети земји мора да биде објавено во лоби-регистарот. Треба да се обелоденат средбите со претставници на трети земји – предложи германскиот европратеник Даниел Фројнд.
Професорот по право на ЕУ, Алберто Алемано, кој дојде со сет предлози до ЕУ, се согласи со тоа бидејќи проценува дека „лобирањето од трети земји – било да е тоа од амбасади или трети страни – исто така мора да биде објавено во регистарот за транспарентност на ЕУ“. Тој исто така препорача институциите на ЕУ да воспостават „заеднички независен етички орган, опремен со доволно ресурси, капацитети за истрага и санкционирање“.
Тој повика на зајакнување на правилата за транспарентност со наметнување „обврски за известување и информирање од страна на сите европратеници“.


Грција ѝ го замрзна имотот на потпретседателката на ЕП, Ева Каили

Грција ѝ го замрзна имотот на потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, поради истрагата што беше поведена поради сомневање за корупција и перење пари во ЕП.
Белгиското обвинителство поднесе обвиненија против четворица осомничени дека примале пари и подароци, со цел да влијаат на одлуките на Европскиот парламент во корист на една земја од Персискиот Залив, а како што пренесува „Ројтерс“, меѓу обвинетите е и потпретседателката на ЕП, Каили.
Во меѓувреме, Европскиот парламент објави дека се суспендирани овластувањата и должностите на потпретседателката на ЕП, пренесе „Ројтерс“.
Социјалистите на Грција, движењето ПАСОК, чија членка е Каили, објавија дека таа е исклучена од партијата, но нејзината канцеларија не одговори на телефонските повици или мејловите што бараат коментар за случајот, наведува британската агенција.