Европската агенција за статистика Евростат со споредбени анализи за трговската размена на европската унија и на еврозоната во рамки на еу

Евростат е генерален директорат на Европската комисија, сместен во Луксембург. Неговите главни одговорности се да ѝ обезбеди на Европската Унија статистички информации на европско ниво и да ја промовира хармонизацијата на статистичките методи низ земјите-членки на Европската Унија, кандидатските земји и ЕФТА-државите. Организациите во различни држави, кои активно соработуваат со Евростат, се сумирани под концептот на Европскиот статистички систем. Европската Унија (ЕУ) е наднационален и меѓувладин сојуз на 27 земји во Европа, а еврозоната, нарекувана уште и Европска и монетарна унија (ЕМУ), е составена од осумнаесет земји-членки на ЕУ што го вовеле еврото како своја основна валута и единствено законско средство на плаќање.


Показатели за ЕУ

Првата пресметка за извозот на стоки надвор од ЕУ во септември 2022 година беше 232,0 милијарди евра, што е за 24,0 отсто повеќе во споредба со септември 2021 година (187,1 милијарди евра). Увозот од остатокот од светот изнесуваше 277,8 милијарди евра, што е пораст од 48,2 отсто споредено со истиот период лани (187,4 милијарди евра). Како резултат на тоа, ЕУ забележа дефицит од 45,8 милијарди евра во трговијата со стоки со остатокот од светот во септември оваа година, во споредба со -0,3 милијарди евра лани во септември. Внатрешната трговија во ЕУ се искачи на 383,0 милијарди евра годинава во септември, што е +26,1 отсто споредено со лани во септември.

Од јануари до септември 2022 година, извозот на стоки надвор од ЕУ достигна 1.889,6 милијарди евра (зголемување од 18,8 отсто во споредба со истиот период лани), а увозот се зголеми до 2.247,6 милијарди евра (зголемување од 49,7 отсто во споредба со истиот период лани). Како резултат на тоа, ЕУ забележа дефицит од 358,1 милијарди евра, споредено со суфицитот од 88,4 милијарди евра во периодот јануари-септември лани. Внатрешната трговија во ЕУ се искачи до 3.131,2 милијарди евра во периодот јануари-септември оваа година, што е +25,0 отсто споредено со истиот период лани.


Показатели за еврозоната

Првите пресметка за извозот на стоки од еврозоната во остатокот од светот во септември 2022 година изнесуваа 259,6 милијарди евра, што е зголемување од 23,6 отсто во споредба со истиот период лани (210,1 милијарди евра). Увозот од остатокот од светот изнесуваше 294,0 милијарди евра, што е зголемување од 44,5 отсто во споредба со лани во септември (203,4 милијарди евра). Како резултат на тоа, еврозоната забележа 34,4 милијарди евра дефицит во трговијата со стоки со остатокот од светот во септември 2022 година, споредено со суфицитот од 6,7 милијарди евра лани во истиот период. Внатрешната трговија во еврозоната се искачи на 247,6 милијарди евра во септември оваа година, што е зголемување од 27,3 отсто во споредба со лани истиот период (194,5 милијарди евра).

Од јануари до септември 2022 година, извозот на стоки од еврозоната до остатокот од светот се искачи до 2.120,3 милијарди евра (зголемување од 19,2 отсто во споредба со истиот период лани), а увозот се зголеми до 2.386,9 милијарди евра (зголемување од 44,7 отсто во споредба со истиот период лани). Како резултат на тоа, еврозоната забележа дефицит од 266,6 милијарди евра во споредба со суфицитот од 129,2 милијарди евра во периодот јануари-септември 2021 година. Трговијата во еврозоната се искачи на 2.021,2 милијарди евра во периодот јануари-септември 2022 година, што е зголемување за 27,1 отсто споредено со истиот период лани.