Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека војната во Украина продолжува затоа што европските земји ја поддржуваат украинската страна, оценувајќи дека без таа поддршка мировните преговори ќе започнеле многу порано.
Според Орбан, најголемата пречка за мир е тоа што Украинците сакаат да ја продолжат војната. Тој истакна дека, иако тоа е нивна земја и нивна борба за слобода, таквата одлука има последици за цела Европа.
-Сите знаеме дека постојат пречки за мир. Украинците сакаат да ја продолжат војната. Тие имаат право на тоа, иако ја загрозуваат цела Европа, но сепак тоа е нивна земја и нивна борба за слобода – изјави Орбан.
Тој додаде дека конфликтот сè уште трае бидејќи европските држави стојат зад Украина.
-Доколку Европејците не ги поддржуваа Украинците, тие немаше да можат да ја продолжат војната. Преговорите ќе беа завршени одамна и ќе имаше примирје и мир – нагласи унгарскиот премиер.
Орбан заклучи дека токму Европа е таа што го одржува конфликтот жив и дека, според него, мирот би бил постигнат доколку европските лидери зазеле поинаков пристап.































