Европската комисија (ЕК) може да препорача на Советот на министри и лидерите на ЕУ да и дадат кандидатски статус на Украина, но со јасни услови дека земјата прво треба значително да го подобри владеењето на правото и системот на борбата против широко распространетата корупција, велат европски дипломатски извори во Брисел, истакнувајќи дека неколку членки на ЕУ сметаат дека тоа не е изводливо.
Дипломатите во Брисел изјавија дека најверојатно се точни информациите на американската агенција Блумберг, дека кон средината на неделата колеџот на комесари на ЕК ќе даде „зелено светло“ за кандидатурата на Украина, под услов властите во Киев да направат голем чекор напред во владеењето на правото и борбата против корупцијата, пренесе Бета.
Според европски неофицијални извори, на Украина може да ѝ се понуди формулата за „специјално партнерство“ во рамките на „европската политичка или геополитичка заедница“, како што предложија францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кои треба да го образложат ова пред самитот ЕУ-Западен Балкан на 23 јуни.
Повеќето политички лидери и лидери на земјите и институциите на ЕУ нагласуваат дека „политичка, геополитичка заедница“ која ги обединува сите земји и партнери во соседството на Унијата не би била замена за членство, иако некои политички кругови и медиуми, како францускиот весник Ле Монд“, оцени дека „заедницата „може да значи и создавање „ЕУ во две брзини“.
Според укажувањата на францускиот претседател Макрон, „европската политичка заедница“ во голема мера се потпира на новата методологија за проширување, која ја иницираше Макрон, што значи дека кандидатот за членство, доколку ги исполнува сите услови во еден сектор, може да биде политички вклучен во работата на Советот на министри на ЕУ, иако без право на глас, но со право да добива значителни средства од структурните фондови, досега предвидени само кога кандидатот ќе стане полноправна членка на Унијата.
Блумберг се повикува на извори во ЕК запознаени со „досието на украинското барање за кандидатски статус“ и наведува дека одлуката за тоа ќе ја донесат шефовите на држави или влади на ЕУ на седницата на крајот на овој месец, како што деновиве во Белград изјави и германскиот канцелар Олаф Шолц.
Полска, балтичките земји и некои други источноевропски членки на Унијата, како и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и Европскиот парламент се залагаат Украина да добие статус на кандидат за членство во ЕУ.
Но, Франција, Германија, Холандија, некои скандинавски и други земји се многу воздржани бидејќи, иако е јасно дека ова би била суштинска порака за политичка поддршка за Киев, тие веруваат дека тоа е сосема невозможно бидејќи Украина е земја во војна со огромни политички и економски и особено проблеми во владеењето на правото и ендемската корупција, за да може, меѓу другото, да се класифицира како кандидат за членство како што е Западен Балкан, кој веќе исполни многу услови, а некои веќе преговараат за членство.
Австрискиот премиер Карл Нехамер и претседателот на парламентот Волфганг Соботка јасно ставија до знаење дека за Виена е неприфатливо кандидатурата на Украина за членство да биде на штета на Западен Балкан, ниту дека значи дека може да се воведе „кратенка“ за пристапување во Унијата.
Ова го истакна и претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, иако поддржува да ѝ се одобри кандидатски статус за Украина, но во услови на претходни темелни и опипливи реформи на владеењето на правото и борбата против корупцијата.
Претседателката на ЕП Роберта Мецола го објасни залагањето на парламентот на ЕУ за одобрување кандидатски статус на Украина, велејќи дека тоа е „стратешки интерес на ЕУ, како и морална должност да се отвори можноста за земјите (во соседството) да се приклучат на Унијата“.
– Мислам дека е многу важно инвестициите и реформите да се спроведат во исто време бидејќи мора да се почитуваат нашите стандарди и услови во процесот на пристапување во ЕУ, затоа што за тоа нема волшебно стапче или кратенка и брзината на тој процес ќе зависи од она што ќе го направи таа земја, како и од нашата поддршка – нагласи претседателката на ЕП.