Европската влада со отрезнувачка констатација и порака до Софија
Европската комисија (ЕК) вчера од Брисел официјално соопшти дека Бугарија сѐ уште не е подготвена да го воведе еврото како единствена европска валута, додавајќи дека „Бугарија сѐ уште има претерано висока стапка на инфлација“!
За издвојување е дека воведувањето на еврото (првично планирано за почетокот на годинава) беше одложено откако минатата година во Бугарија беше регистрирана инфлација од 9,5 отсто. Европската комисија (ЕК) проектира дека стапката на инфлација годинава во Бугарија ќе падне на 3,1 отсто во однос на лани, па повторно ќе може да го разгледува ова прашање доколку во втората половина на годината Бугарија успее да го задоволи овој критериум.
Критериуми што не ги исполнува Бугарија
Земјите што влегуваат во еврозоната мора да ги исполнуваат критериумите за стабилноста на цените, јавните финансии, стабилноста на девизниот курс и долгорочните каматни стапки, кои не смеат да бидат повеќе од два процентни поена над стапките во најстабилните земји на ЕУ во годината пред процената. Сите земји членки на ЕУ, со исклучок на Данска, се законски обврзани да влезат во еврозоната. Освен Бугарија, земјите што допрва треба да се приклучат се Полска, Романија, Шведска, Чешка и Унгарија.
Второ, членството во еврозоната може да биде политички оспорувано и внатре во Бугарија, бидејќи партијата Вазраждање (Преродба) инсистира да има референдум за ова прашање. Од друга страна, партијата на Бојко Борисов, Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), во коалиција со партијата Сојуз на демократски сили (СДС), како и коалицијата на партиите Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија (ПП-ДБ), силно се залагаат за влез во еврозоната.
Софија: Ќе ги исполниме критериумите до крајот на 2024 година
Бугарската централна банка и Министерството за финансии соопштија дека земјата до крајот на годината ќе ги исполни критериумите за инфлацијата на еврозоната. Преодната влада го потврди и законот за воведување на еврото, кој ќе треба да го донесе новиот парламент, кој е избран на 9 јуни. Во Бугарија се водат сложени разговори за формирање нова влада. За потсетување, Бугарија ѝ се приклучи на Европската Унија во 2007 година. (Р.С.)