Европа едноставно ја замени својата зависност од рускиот гас за зависноста од течен природен гас (ЛНГ) од Соединетите држави и додека таа губи милијарди, САД ги заработуваат, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Земјите-членки на Европската Унија вчера одржаа итен состанок во обид да се договорат за горната граница на цената на гасот за средбата на министрите за енергетика во вторник, но се чини дека се уште се разминуваат во ставовите.
– Европската аспирација да се ослободи од зависноста од рускиот гас е апсурдна и луда. Тие само ја заменија својата зависност со префрлување од руски гас на американски течен природен гас. Всушност, зависноста продолжува, само со помал реципроцитет. И сега Европејците губат милијарди евра секој ден, а Вашингтон ги заработува тие милијарди во долари – смета Песков, пренесе агенцијата РИА.