Европскиот парламент во понеделникот го претстави предлогот за нови изборни правила со кои се намалува старосната граница за остварување на избирачкото право на 16 години и се воведуваат и транснационални изборни листи за кои можат да гласаат сите граѓани на Европската Унија, независно во која држава живеат
Новите изборни правила ќе се применуваат на следните европарламентарни избори, во мај 2024 година, доколку добијат поддршка од мнозинството пратеници. Граѓаните на земјите-членки на ЕУ своите европски застапници ги избираат од 1979 година. Секоја држава-членка претставува една изборна единица, во која се натпреваруваат националните политички партии или листи, со кои се избираат претставници во Европскиот парламент во зависност од бројот на жителите. Така ќе биде и на наредните избори за две години, но со додавање нова изборна единица, односно европска изборна единица што ќе ја покрива целата територија на Унијата, од која ќе се избираат 28 пратеници. Листите на политичките партии што ќе кандидираат претставници за оваа изборна единица мора да бидат поддржани најмалку од седум држави-членки.
При составувањето на транснационалните листи, европските политички партии мора да ја запазат географската застапеност – нагласи Доменик Руиз Девеса од клубот на социјалдемократите.
Рамномерната географска застапеност би се применила така што, на пример, ако носителот на некоја европска листа е од Германија, следниот кандидат не смее да биде од Франција, Италија, Шпанија или од Полска, туку од помалите држави со број на жители до 6,9 милиони (Бугарија). Третото место на листата мора да им припадне на кандидати од другите земји што имаат помалку жители од 6,9 милиони, како што се Данска и Малта.
Меѓу европските политички партии има различни ставови за новата изборна единица, а некои од нив сметаат дека „изборната реформа ќе ги оддалечи од нивните претставници“. Противниците нагласуваат дека ќе се создадат два вида пратеници – такви што се чувствуваат како Европејци и такви што се чувствуваат како локални пратеници.