Земјите-членки на ЕУ треба да дејствуваат обединето против енергетската криза предизвикана од наглиот раст на цените со намалување на потрошувачката на електрична енергија и да започнат заедно да купуваат гас, изјави претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.
Тој ќе претседава со два состанока на лидерите на земјите-членки во октомври, посветени на кризата предизвикана од поскапувањето на гасот и намаленото снабдување од Русија.
Европската комисија завчера предложи план за собирање 140 милијарди евра за компензација на потрошувачите од високите цени на енергијата.
– Ова се добри предлози, но треба да се направи уште многу – рече Мишел.
Според него, ЕУ треба да ги продолжи дебатите околу одвојувањето на цената на струјата од цената на гасот, како и да наметне одреден плафон на цената на гасот, а земјите-членки да почнат заедно да купуваат гас.
Не постои општо разбирање за купување, бидејќи големите економии можат полесно да преговараат за билатерални договори отколку малите. За Мишел ваквата конкуренција е непотребна.
Министрите за енергетика на земјите-членки на 30 септември ќе разговараат за енергетската криза и мерките за нејзино сузбивање, а лидерите ќе се сретнат на 6. и 7. и 20. и 21 октомври.