Обидите на ЕУ да посредува во забраната за увоз на украинско жито, што ја воведоа Полска, Унгарија, а подоцна и Словачка, наидоа на ѕид од тишина. Згора, ситуацијата се очекува да ескалира бидејќи и Бугарија размислува за слична забрана, пренесува „Еурактив“.
Полска најави дека ќе ја продолжи забраната за увоз на жито и друга храна, вклучувајќи овошје, зеленчук и живина од Украина. Унгарија и Словачка веќе го следеа примерот, а Бугарија во моментов размислува за сличен чекор.
Унгарија е позната по својот пријателски став кон Русија по инвазијата на Украина и колебливоста да ги прекине врските во различни области, став што Бугарија го споделува од многу аспекти.
Во Словачка, која долго време беше една од најпроруските земји во ЕУ заедно со Бугарија, анкетите покажаа дека повеќето граѓани сакаат Русија да победи во војната, а огромно мнозинство гласачи на СМЕР-СД на поранешниот премиер Роберт Фицо се на руска страна.
Иако спорот произлегува во најглем дел од ниската цена на украинското жито и нејзиното влијание врз локалните земјоделци, улога во забраната имаат и геополитичките потструи во однос на Русија и на Европската Комисија.
Иако издвојува значителна помош за Украина, Полска има спор со ЕК за владеење на правото поради кој ѝ се блокирани средствата од Фондот за обнова додека Унгарија се соочува со колективна тужба од 15 членки на ЕУ поради анти-ЛГБТ законот.
ЕК објави во понеделникот дека размислува за дополнителен пакет за поддршка на земјоделците од ЕУ погодени од приливот на украински земјоделски производи. Покрај тоа, владите може да ја зајакнат оваа поддршка со пари од државните буџети, што Министерството за земјоделство рече дека Полска ќе го направи. Максималната можна поддршка, според Брисел, е 112,6 милиони евра.
Во понеделникот имаше и разговори меѓу Варшава и Киев за можноста за повторно отворање на транзитот на храна и жито, но досега ништо не е договорено.
Претходно истиот ден, Комисијата ги критикуваше Варшава и од Будимпешта, нарекувајќи ги нивните постапки неприфатливи и додавајќи дека трговската политика е ексклузивна надлежност на ЕУ.
Бугарија, во меѓувреме, ја обвини ЕК за сегашниот ќорсокак.
– Увозот на жито како и на сончоглед и млеко во прав од Украина, во моментов е во прекин во одредени земји и ние инсистираме на правична дистрибуција низ ЕУ – изјави бугарскиот министер за земјоделство Јавор Гешев, потврдувајќи ја намерата на Софија да го ограничи увозот на жито од Украина.
Бугарија побара од ЕК одлучи за ова прашање уште лани во септември.
– Веќе шест месеци чекаме Европската комисија да одлучи. Што да правиме? Треба ли да банкротираат бугарските земјоделци – истакна Гечев.
Според проценките, бугарските земјоделци губат 800-900 милиони лева (400-450 милиони евра), посочи Гечев.
Бугарија веќе доби надомест од 16 милиони евра откако дозволи украинското жито и прехранбени производи да минуваат низ нејзина територија,но Софија побара уште 100 милиони лева (51 милион евра) иако бугарските производители на жито добиваат стотици милиони евра директни субвенции од ЕУ за земјата што ја обработуваат.
Во меѓувреме, ескалираниот проблем со увозот од Украина ќе биде вклучен на агендата на министрите за земјоделство на ЕУ на 25 април.